„Иако во јули може да има поинаква одлука, ние очекуваме Охрид да остане заштитен под УНЕСКО, но како наследство во опасност. Тоа е аларм за сите, прво за нас институциите, но пред се и за граѓаните“ кажа премиерот Зоран Заев во неговото гостување на телевизијата Клан.
Премиерот објасни дека експертската група на УЕСКО која што го подготви извештајот беше во земјава во јануари 2020 година и додаде дека од тогаш до сега преземени се доста чекори.
„Она што е значајно што од тогаш наваму секако се прекинати двата регионални патишта заради тоа што не беа предвидени согласно внимателноста и планот со управување со УНЕСКО. Дополнително е стопиран било која следна активност на железничката пруга Кичево – Лим и се прави изместување на таа пруга, надвор од заштитниот коридор на УНЕСКО“ кажа Заев.
Тој додаде дека креирани се и посебни комитети со Албанија за координација и заштита на Охридското Езеро.
„Ние го делиме Охридското Езеро, а со тоа ја делиме одгворноста за неговата заштита. Во едни такви околности многу е важно граѓаните, стопанството, сите да сфатат, ако изгубиме статус на УНЕСКО ќе изгубиме се што имаме во Охрид на што се гордееме. А тоа е туризмот, потенцијалите, секако развојот, живеачката на граѓаните, не смееме да дозволиме“ предупреди Заев.
Тој додаде дека треба да се исфрлат од главите сите замисли за мегаломанство.
„Треба да си ги тргнеме од главата сите наши замисли за мегаломантсво како што постоеше барем до 2017 година во времето на Никола Груевски, кога се повкуваја Субрата Рој со големите мегаломански проекти, па се градеше се и сешто, се навлегуваше внатре во езерото, денеска сето тоа е минато“ кажа Заев.