Стево Крстевски, директорот на Фондот за здравствено осигурување, во време на здравствена и економска криза троши 82.600 евра за купување две луксузни лимузини „форд“, модел „мондео титаниум“, за него и за Фатон Ахмети, истакна на денешната прес-конференција пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Здравсковски.
„Народот собира донации за лекување преку СМС-пораки, лекари носат пациенти на раце затоа што нема амбулантно возило, недостигаат инсулин и ‘клексан’, а Крстевски од ФЗОМ купува луксузни лимузини, ова се опишува со два збора – одлепени од реалноста, рече Здравковски.
„Луѓе буквално умираат чекајќи пари за операции. За оваа клика на власта, од која дел е и Крстевски, човечкиот живот очигледно не вреди пет пари, но затоа вредат луксузните лимузини на кои не штедат, ниту во време на криза. Крстевски и СДСМ не знаат за срам, да имаа срам, немаше воопшто да ги набават двете луксузни возила вредни 82.600 евра за кои договорот за набавка го потпишале на 20 мај, пред точно шест дена“, истакна пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ.
Неговата партија бара, како што рече, Крстевски веднаш да го раскине договорот за набавка на двете луксузни возила, а парите да бидат пренасочени за набавка на две амбулантни возила.
„Сигурно има возила со кои може да се вози Крстевски и тие не мора да бидат нови, но амбулантни возила нема доволно, а наместо да чекаме на донации од приватни фирми, ФЗОМ може да почне со откажување од луксузот за сметка на здравјето на граѓаните“, дециден е Здравковски.