Министерството за образование и наука за првпат потпиша Колективен договор со Самостојниот синдикат за образование, на кој се приклучи и Независниот академски синдикат, соопшти СДСМ.
„ Со овој Колективен договор веќе од септември вработените во високото образование ќе добијат покачување на платите за 10 отсто, а ќе им биде исплаќан и минат труд кој досега го исплаќале само некои од установите.
Колективниот договор ги нормира и унапредува правата на работен однос во секторот високо образование и наука, меѓу кои: вработување, унапредување, право на годишен одмор, права на платено и неплатено отсуство, право на отпремнина, заштита од отказ, услови за парична помош, синдикална организација.
Во договорот е дефиниран и начинот на пресметување на платите, кој се базира на степенот на сложеност и одговорноста на работното место, изразен како коефициент во однос на просечната државна плата, со што се обезбедува постојан раст на платата, која ќе се зголемува заедно со просечната плата.
Ова е пример за успешно партнерство меѓу Министерството и професорската фела, како и потврда за грижата на институциите за високото образование.
СДСМ како одговорна партија продолжува со креирање и имплементација на мерки и политики во интерес на граѓаните“, се вели во соопштението на СДСМ.