24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

СДСМ: Повисоки плати за вработените во високото образование од септември

Со новиот Колективен договор вработените во високото образование од септември добиваат за 10 проценти повисоки плати, велат од СДСМ преку соопштение.

„Владата предводена од СДСМ и премиерот Зоран Заев продолжува со вистинска грижа за образованието и наставниот кадар.

Самостојниот синдикат за образование за првпат потпиша Колективен договор со Министерството за образование и наука на кој исто така се приклучи и Независниот академски синдикат.

Веќе од септември со овој Колективен договор вработените во високото образование ќе добијат покачување на платите за 10 отсто, а ќе им биде исплаќан и минат труд кој досега го исплаќале само некои од установите.

Колективниот договор ги нормира и унапредува правата на работен однос во секторот високо образование и наука меѓу кои: вработување, унапредување, право на годишен одмор, права на платено и неплатено отсуство, право на отпремнина, заштита од отказ, услови за парична помош, синдикална организација.

Во договорот е дефиниран и начинот на пресметување на платата, кој се базира на степенот на сложеност и одговорност на работното место, изразен како коефициент во однос на просечната државна плата.

Со ова се обезбедува систем на валоризација, но и постојан раст на платата, која ќе расте заедно со просечната плата. Дополнително, во основната компонента на платата, ќе се исплаќа и минат стаж.

Овој Колективен договор е пример за успешното партнерство меѓу Министерството и професорската фела, но и потврда за грижата на институциите кон високото образование.

Како одговорна партија продолжуваме со креирање и имплементација на мерки и политики преку кои покажуваме што значи вистинска грижа за граѓаните, за наставниот кадар“, се наведува во соопштението на СДСМ.