И Европа и ние ќе го следиме пописот во РСМ и очекуваме да се спроведе според сите европски стандарди и правила, рече Екатерина Захариева, до неодамна заменик-премиер и министер за надворешни работи во интервју за бугарски медиуми.
Скопје го одложи пребројувањето поради проблеми со Албанците, додаде Захариева.
„Пред четири години виновна им беше Грција, две години подоцна виновни им беа други две држави, Холандија и Франција, сега виновна е Бугарија. Скопје не треба да бара надворешни причини за недостатокот на реформи во државата“, вели таа.
На прашањето дали Бугарија треба да реагира ако на пописот малку луѓе се изјаснат како Бугари, Захариева вели дека дури откако Бугарија реагирала на низа случаи на нарушување на правата на лицата со бугарска самоопределба, постојат луѓе кои веќе даваат одредени писмени сигнали, но страв сѐ уште има.
„Тогаш кога не можете да најдете работа или да ја загубите работата само затоа што сте се определиле како Бугари, кога без никаква причина ве посетуваат агенти од националната безбедност, тогаш кога таблиците на колата ќе бидат оштетени само затоа што се бугарски, кога има притисок повеќе од 80 години, стравот е разбирлив. Но, откако ја видоа поддршката од Софија и видоа дека Бугарија нема да продолжи да молчи, дел од нив престанаа да се плашат. Сепак, страв сѐ уште има. Видовте што се случи со претставникот на Евровизија, тоа беше јавно пред очите на целиот свет. Така што се надевам дека Скопје нема да има образ да го негира тоа“, вели Захариева.
Поради тој страв, како што вели, Захариева не очекува на пописот сите коишто имаат бугарски пасоши да се изјаснат како Бугари и смета дека властите во Македонија ќе направат сѐ што можат Бугарите таму да се сѐ помалку.
„Ние немаме претензии за тоа како тие себеси ќе се наречат. Проблемот со правото на самоопределување не е наш туку е нивен. Тие имаат проблеми со луѓето кои живеат таму и се чувствуваат и Македонци и Бугари.
Бугарија никогаш немала проблем со нивното право на самоопределување. Немаме претензии и не сме барале промена во нивниот Устав. Имаме проблем со јазикот на омраза кон сѐ што е поврзано со Бугарија, заради фалсификување на историјата“, изјави таа.
Според неа, подобро е Република Северна Македонија и Албанија да одат заедно на патот кон европските преговори, но тука функционира принципот на сопствени заслуги. Пред три години, Скопје се обиде да се оддели од Албанија, но сега кога Тирана официјално не го побара тоа, сè повеќе се зборува за отцепување на Албанија од РСМ, коментира Захариева.