„Овој закон се носи на транспарентен начин. Ќе бидат земени предвид сите аргументирани коментари и сугестии за законот и тие од јавните дебати и тие во Собранието кога ќе стигне во собраниска процедура. Ние сакаме да се вклучат сите за да направиме закон што ќе донесе развој за државата“ објасни министерот за земјоделство Аријанит Хоџа во „Топ тема“ на ТВ Телма.
Тој објасни дека во моментов е даден само предлог-закон, кој не е конечен и кој ќе се доработува во следниот период.
„Јавната дебата е за да се разјаснат сите нејаснотии за законот. Нема да се донесе утре законот. Помина времето кога се носеа закони преку ноќ. Во 2013 знаеме под какви услови се донесе законот – сега се сосема различни условите. Најтранспратентно и најинклузивно“ кажа Хоџа.
Министерот додаде дека иако верува дека законот е добар во моментов, тој може да претрпи измени до конечната форма.
„Уште сме во рана фаза. Целта на законот не е инкасирање на средства од продажбата, туку поттикнување на дополнителни инвестиции што ќе се случат по продавањето. Луѓето што сакаат и имаат идеја, ќе можат по продажбата да земат заеми врз основа на таа сопственост и да се развиваат“ кажа министерот Хоџа.