25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

ФИТР и ПроКредит Банка обезбедуваат полесен пристап до финансирање на иновативните компании

Фондот за иновации и технолошки развој и ПроКредит Банка потпишаа Меморандум за меѓусебна соработка со која микро, малите и средните претпријатија ќе добијат олеснет пристап до финансиски средства. Преку новиот пакет на банката најголем број услуги ќе бидат обезбедени за стартап компаниите.

Главната придобивка ќе биде за компаниите- апликанти за кофинансирани грантови на ФИТР, за кои банката ќе обезбеди дополнителна финансиска поддршка во делот на сопствено кофинансирање преку поповолни каматни стапки од редовните. Олеснување ќе добијат и компаниите кои аплицирале но не им било одобрено кофинансирање од Фондот.

„Фактот што за само два месеци успеавме за компаниите, особено за стартапите да обезбедиме различни поволности преку трите најуспешни банки во државата е уште еден доказ дека во банкарскиот сектор имаме вистински партнери кои ги препознаваат квалитетните програми на ФИТР и иновативниот потенцијал на домашните компании. Продолжуваме да ги слушаме потребите на стартап заедницата и активно да работиме на изнајдување решенија за полесна реализација на нивните идеи“, изјави Коста Петров, директор на Фондот за иновации и технолошки развој.

Бизнис пакетот на ПроКредит Банка ќе вклучува најповолна каматна стапка на позитивно салдо на трансакциска сметка, пакет услуги вклучени во месечната провизија (сметка за кофинансирање, е-банкарство, MasterCard Business картички бесплатни за првата година, потврди-конфирмации за трети лица, издавање бонитет, доставување на информација до УЈП). Дополнително банката обезбедува и пониски провизии во рамките на домашниот и меѓународниот платен промет преку е-банкарство и кредитни продукти по преференцијална каматна стапка. Најважно од се, компаниите добиваат банка партнер, каде преку личниот советник за бизнис клиенти, бизнисот добива и советодавна услуга од сферата на банкарството , што е од исклучителна важност за start up и компании во развој.

“Со примена на партнерски и индивидуален пристап во работењето со компаниите, изградивме премиум бренд со висококвалитетна услуга за бизнис клиентите. Како банка добро ги познаваме нашите клиенти, нивната историја, силните страни, но и предизвиците со кои се соочуваат во своето работење. Нашиот тим располага со знаење, искуство, но и ентузијазм заедно со клиентите да работиме на остварување на нивните планови за развој. Соработката со ФИТР ни овозможува да ја понудиме оваа поддршка на малите амбициозни и иновативни бизниси, кои имаат голем потенцијал за раст и развој и може значително да учествуваат во креирањето на БДП, зголемувањето на извозот и отворање на нови работни места.“ изајви Милан Дамчевски, директор на бизнис филијала во ПроКредит Банка.

Во наредниот период, ПроКредит Банка во соработка со ФИТР ќе организира едукативни и промотивни активности поврзани со можностите за финансирање на домашните компании од страна на банката и ФИТР, зголемување на финансиската писменост, со цел олеснување на пристап кон финансиските средства, олеснет бизнис развој и комерцијализација на иновации.