Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска во Прилеп одржа говор одбележувајќи го денот на победата над фашизмот и Денот на Европа.
Тој на почетокот на своето обраќање, посочи дека Прилеп е град-херој и место од каде почнало народноослободителното движење и народноослободителната борба.
„Ова не треба да се заборави никогаш и слава им на хероите. Треба секој од нас да е свесен дека единствен народ на Балканот кој своја државност стекнал преку НОБ без европски или светски спонзори е токму македонскиот народ и оваа држава која што ние ја живееме“, посочи лидерот на опозициската пратија.
Како што рече Мицкоски, нашите предци не` не посрамотиле и застанале на вистинската страна во борбата против фашизмот, но според него прашањето е дали денешната власт го чува тоа наследство и не ги посрамотува нашите предци.
„Одговорот го добиваме кога премиерот, во името на некакво пријателство, вели дека тука имало администрација, а не фашистички окупатор, што самото по себе е тешка небулоза и невистина“, рече Мицкоски.
Според него, веќе жално е да се гледа конструкцијата на речениците на државните функционери кога треба да се честа некаков важен јубилеј или празник.
„Веќе жал ме фаќа и јадно е за гледање она нивно препелкање, на премиерот и сите министри до еден кога ќе требаат да честитаат некаков важен јубилеј или празник. Успех на фудбалска или ракометна репрезентација, или да се одбележи некој ден, 8 септември или 11 октомври. А сигурно и денес на 9 мај тоа ќе се случи. Ќе изнапишат статуси, ќе смислат 300 варијации, само да не го споменат името Македонија. Бегаат од него, срамежливо ќе асоцираат, како да сме безимени. Од новото име се срамат, а Македонија не ја пишуваат. Тука ќе им го видите нивниот ум и нивното отсуство на кичма. Работите мора да се гледаат реално и да се кажуваат такви какви што се, без додавања, точки или запирки“, порача Мицкоски.
Тој нагласи дека денеска е третата година откако Заев го прославил добивањето на датум и почеток на преговори, со фотографија во владиниот авион.
„Но 4 години не мрднаа ниту милиметар напред. А ние 30 години, 30 долги и мачни години само правиме отстапки. Сменивме знаме, Устав во повеќе наврати, добивме пресуда во Меѓународниот суд во Хаг, па не убедуваа дека тоа била цената на геостратегијата и силата на посилниот, Заев го смени уставното име и повторно го промени Уставот. Потпиша договор со Бугарија кој го нарече договор за добрососедство, и се фалеше дека ги затворил сите отворени прашања. И што добивме? Од Европа добивме тапкање по рамо, ветувања и нов услов за напредок на патот кон ЕУ. Сега наместо почеток на преговорите условот е да признаеме дека пред 1944 година сме биле Бугари, дека нашиот јазик бил бугарски, дека сите оние илинденци кои со крв ја пролеаја македонска земја за независна држава во срцето на Балканот не биле Македонци, туку биле бугарски војводи, тоа е новиот услов кој ние треба да го прифатиме“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него и Европската Унија треба да биде погласна за криминалите кои ги прави оваа влада и за грешните политики кои земјава ја туркаат во бездна.
„Нашата европска иднина се загрозува со секој криминален тендер кој оваа влада ќе го направи, затоа што денес Бугарија е пречка, но во истиот момент станува пречка и кога овие што штанцале пасоши на белосветски криминалци ќе примат удар како топовско месо и ќе лежат по смешни 2 години затвор, само за да нема одговорност за главата на криминалната мафија, затоа што такви како Рашкоски има секоја општина, министерство или претпријатие, десетпати повеќе од тоа што јавноста го знае“, порача Мицкоски.
Како што нагласи тој, ЕУ мора повеќе да се ангажира околку обезбедувањето на нашата иднина.
„Затоа од овде од слободарски Прилеп ќе им порачам, преговори веднаш, оставете го Заев и тие главоклимачи околу него. Не се тие Македонија, туку овој чесен и честит народ и вредни домаќини. Ова е народот кој многу пред вас ги покажувал своите европски вредности и неговото место е таму за да ја добие заслужената правда, а да ја добијат и сите оние кои што се неправедно обвинети и неправедно осудени од ова обвинителство и судство кое е под целосна чизма на власта на Зоран Заев“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој порача дека мора да има промена зошто, како што кажа, Заев брутално паѓа, а сака со него да нѐ повлече сите нас.
„Нема повеќе паѓање. Народот не смее да биде повеќе жртва на мафијата, мора да се ослободи бизнисот, криминалците да одговараат, а на луѓето да им се даде надеж и визија. Ќе се борам крвнички за секој еден од вас и заедно ќе градиме се што овие уништија. Македонија ќе го има својот 4 Илинден и ќе биде просперитетна држава, а ќе ја вратиме надежта дека може подобро. Ќе удри зората и за нашата земја. А ВМРО-ДПМНЕ ќе го има се почесто на улиците, селата и градовите, помеѓу својот народ. Македонската пролет се раѓа“, истакна Мицкоски во говорот во Прилеп.