25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Заев: За мене е аманет борбата против фашизмот никогаш да не запре

На Денот на победата над фашизмот во Втората светска војна, претседателот на Владата Зоран Заев, заедно со амбасадорката на САД во земјава Кејт Мери Брнз и претставници на Сојузот на борци се поклони пред споменикот подигнат во чест на петмина американски пилоти, во село Вратница, тетовско.

Двајца од нив ги загубија животите кога на 26 август 1944 година, нивниот авион беше соборен од окупаторските сили на територијата на тогашна Македонија. Останатите тројца членови на екипажот на американскиот бомбардер „Либератор Б-24 Г“, со кодно име „Наша Љубов“ кој бил погоден и паднал на падините на Шар Планина над селото Вратница, биле спасени и евакуирани на безбедно.

Како што истакна премиерот Заев, акцијата за нивно спасување од страната на населението од Вратница е еден редок и скапоцен настан кој на уште еден силен начин ја потврдува јасната и непоколеблива определба на македонскиот народ и на припадниците на сите други етнички заедници за време на Втората светска војна.

„ Застанати на страната на Сојузот на прогресивните антифашистички сили, не само што ставија крај на крвавата светска војна на бојните полиња, туку му ставија крај и на погромот на фашизмот заради кој беа погубени милиони недолжни цивили и луѓе во логорите на смртта. Сеќавањето и чествувањето на настанот од 1944 година во Вратница и поменот на петмина пилоти веќе е прифатен како еден од најсимболичните моменти од нашата заедничка соработка со САД“, рече Заев.

Осврнувајќи се на успешната соработка со САД, тој потсети на формалното сојузништво како членки во НАТО, и како уште едно признание за вредноста на Договорот за стратешко партнерство од 2008 година.

„Голема чест, а истовремено и гордост, како продолжувач на традициите, и како претседател на Владата на Република Северна Македонија, да се поклонам на борците кои се боревте и сé уште се борите против фашизмот. Се поклонувам на Вашето дело. И чест ми е да го продолжувам Вашето дело, кое за мене е аманет борбата против фашизмот никогаш да не запре“, истакна Заев.

Амбасадорката на САД, ја истакна важноста на денешниот настан и локацијата каде е подигната спомен плочата.

„ Ова е место каде што луѓето од обете наши земји можат да се соберат за да слават храброст пред опасностите и конфликтите. Токму на една планина во близина на 26 август 1944 година се урна американски бомбардер Б-24Д откако го погоди непријателски оган додека се враќаше во Италија од Романија. Селаните, изложени на голем личен ризик за себе и за своите семејства, им помогнале на тројцата преживеани по планината и извадиле тела на уште двајца и ги закопале. Тоа беше длабок чин на хуманост за кој мојата земја останува благодарна“, потсети Брнз.

Амбасадорката Брнз, се осврна и на предизвикот со кој целиот свет се соочува во изминатата година.

„Заедно ќе ги обновиме нашите економии, ќе ги заживееме нашите партнерства и ќе научиме од трагедијата, исто како што ги искористивме ужасите од Втората светска војна за да изградиме нов поредок од урнатините на Европа. Овој поредок служи како камен-темелник на стабилноста и просперитетот за овој континент, кој останува стабилен партнер за Соединетите држави. Што е најважно, се заснова на единство, соработка и взаемна доверба“, заклучи Брнз.