Со цел проширување и доопремување на постојната превентивна програма за контрола на туберкулозата во Македонија, како една од најстарите превентивни програми во земјата, ТИКА донира медицинска опрема. Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза – Скопје, благодарение на Турската агенција за координација и соработка – ТИКА го реализира проектот „Мобилна клиника“.
„Станува збор за донирана опрема од страна на ТИКА, со што се доопремува мобилната амбуланта, а со ова здравствената услуга ја приближуваме кон пациентите особено во региони каде што е тоа потешко достапно за граѓаните и нешто што, освен во делот на специфичните белодробни заболувања, имајќи ги предвид сите овие актуелности во врска со последиците од Ковид-19, и може да значи полесен пристап до идентификување вакви компликации кај граѓаните што прележале Ковид-19. Дополнителната опрема за Институтот е опрема што значи еден поголем квалитет во делот на третманот во заболувањата на белите дробови“, изјави министерот Филипче.
Донираната опрема за болнички услови се состои од монитор, инфузиомат, дефибрилатор, сет за реанимација, апарат за хемостаза и д-димери. Додека делот од опремата наменет за флуоробусот, кој му припаѓа на Институтот, која ќе биде користена на терен, се состои од ЕКГ, хематолошки бројач, фрижидер за складирање примероци за микробиолошки испитувања. Медицинската екипа, покрај лекарската консултација и преглед, ќе биде опремена за следниве дијагностички процедури: изведба на рентгенграфија, земање крв за крвна слика и лабораторија, земање примерок од плунка за микробиолошки испитувања, ЕКГ, тензија и пулсоксиметрија. Мобилната екипа ќе биде составена од одговорен специјалист, вработен во Институтот, медицинска сестра, стажант и шофер.
За информираноста на населението за мобилната клиника ќе бидат одговорни општинските авторитети на посетените места. Како резултат на ова ќе се зголеми квалитетот на скринингот и можноста за промоција на здравјето, како и издигнување на свеста во овие тешки времиња кога се соочуваме со оваа пандемија и сите предизвици и тешкотии наметнати од неа.
„Во овој момент разговараме и за нови проекти, но и за еден друг што е во тек, а тоа е целосно реновирање на делот на превентивна стоматолошка заштита кај децата на Стоматолошкиот клинички центар, верувам дека во следните недели и месеци и сето тоа ќе заврши и ќе можеме заеднички да го одбележиме почетокот на работата на тој реновиран дел“, најави министерот Филипче.