24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Мицевски: Немаме намера да учествуваме во театрална интерпелација режирана од Џафери и СДСМ

ВМРО-ДПМНЕ нема намера да учествува во театралната интерпелација режирана од страна на Џафери и СДСМ. Ова го истакна координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, по напуштањето на седницата, на која на дневен ред е интерпелацијата на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, рече дека ВМРО-ДПМНЕ задоцнила со поднесување листа на говорници за интерпелацијата, што, според опозицијата, значи продолжување на трендот на самоволие и непочит кон процедурите од страна на мнозинството.

„Денес, Талат Џафери не дозволи пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ да дисктура по однос на интерпелацијата на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Ова следува по скандалозното однесување претходната недела со кое од дневен ред се тргнаа интерпелациите за Бојан Маричиќ и Љупчо Николовски. Собраниското мнозинство на СДСМ и ДУИ секојдневно покажува зошто Македонија е карактеризирана како хибриден режим и зошто меѓународните организации укажуваат дека имаме нефункционални институции“, рече Мицевски.

Тој нагласи дека првпат во 30 години на најголемата опозициона партија ѝ е оневозможено да зборува за интерпелацијата на еден министер, чие работење го обележуваат многу скандали.

„Наместо Собранието да биде институција за контрола на Владата, Владата преку Талат Џафери го контролира Собранието. Наместо претседателот на Собранието да работи во согласност со Деловникот и да обезбедува услови за демократска работа, тој со своето авторитарно однесување создава атмосфера во која работата на Собранието ќе биде сѐ понеефикасна, а одговорноста ќе биде на собраниското мнозинство и лично на Талат Џафери“, рече Мицевски.

Интерпелација за работата на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, е поднесена од пратениците од Алијансата за Албанците и од Алтернативата. Како предлагачи се потпишани Зијадин Села, Африм Гаши, Скендер Реџепи, Елми Азири, Сурија Рашиди, Халил Снопче, Илире Даути, Сафије Садики Шаини, Атнан Незири, Абдула Салиу, Артина Ќазими, Хусни Исмаили.

Претходно, пред пратениците се обрати Спасовски, кој ја оцени интерпелацијата како чудна и истакна дека системот на вредности на опозицијата е изместен.