24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

МОН: Младите ја поддржуваат дигитализацијата на образованието

Сојузот на средношколците потврдува дека младите во Северна Македонија ја поддржуваат дигитализацијата на учебниците и воопшто на образованието, информираат од Министерството за образование.

Од таму додаваат дека е сосема очекувано да постојат дилеми кај младите и кај нивните семејства.

МОН потсетува дека од следната учебна година се воведува комбиниран модел на примена на материјалите за учење, кој ќе се имплементира сукцесивно во следните неколку години. Ова решение не предвидува дигиталниот учебник да биде единствена опција за учениците. Од прво до трето одделение учениците и натаму ќе користат печатени учебници, а за учениците од четврто одделение приоритетна опција се дигиталните учебници. Лектирите остануваат исклучиво во печатена верзија.

„Новото законско решение предвидува за учениците што се од социјално загрозени семејства и немаат уреди за учење од дигиталните учебници, како и за учениците, кои поради попреченост, имаат потреба од уреди или помошна технологија, училиштето да обезбеди услови за секој ученик да има пристап до употреба на учебник. За оваа цел, во рамките на училиштата веќе се прават процени и подготовки за обезбедување одреден таканаречен библиотечен фонд на таблет-уреди, кои ќе им се даваат на привремено користење на учениците што имаат потреба од ваков тип поддршка во согласност со законот“, информираат од Министерството.

Дообјаснуваат дека доколку ученикот изрази потреба за користење печатен учебник, тој ќе му биде обезбеден од страна на училиштето. И во овој дел предизвиците очекуваме да бидат сведени на минимум затоа што образованието повеќе нема третман на потрошувач и поради тоа сѐ повеќе се вложува од сите можни аспекти во овој сегмент, вклучително и во опременоста на училиштата како од страна на централната власт така и од страна на самите локални самоуправи.

Дигитализацијата ја елиминира дискриминацијата затоа што учебниците ќе бидат достапни и во аудиоформат, на сите наставни јазици, и првпат ќе се печатат и на Брајово писмо за учениците со оштетен вид, стои во писмениот допис од Министерството за образование.