Владата во последните 4 години во континуитет ја одржува грижата за постоечките инвеститори и работи на привлекување нови инвестиции од странски компании, истакна премиерот Зоран Заев по посетата на фабриката „Кемет електроникс“ заедно со директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Јован Деспотовски.
„Партнерскиот однос кој Владата го гради со компаниите кои функционираат во земјата, како и за поволната бизнис-клима која поттикнува нови инвестиции и развој на компаниите придонесе во овој мандат, односно од септември 2020 година, да бидат потпишани 48 договори за државна помош со компании кои аплицираа по Законот за финансиска поддршка на инвестиции“, рече премиерот Заев.
Тој потенцира дека од септември 2020, вкупно 53 инвестициски проекти, со поддршка на државата се во тек, со вкупна вредност од 95,7 милиони евра со кои се создадоа околу 2.000 нови работни места за граѓаните.
„Дополнително, од септември минатата година до денес, што значи за само 8 месеци потпишавме 5 договори за нови инвестиции на странски компании во земјата. Имаме уште 15 други компании кои ги препознаа поволностите за поддршка на странските директни инвестиции и веќе ги почнаа постапките за стекнување државна финансиска поддршка. Станува збор за компании од Турција, Германија, Јужна Кореја, Народна Република Кина“, објасни премиерот Заев.
Директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Јован Деспотовски рече дека новиот пристап и квалитет во поттикнување инвестиции се базира на реални економски политики и носи реални економски резултати.
„Потсетувам имаме најдобар прв квартал во последните 4 години, со раст на извозот од 41% во однос на 2018 година или над 300 милиони евра. Инвестициите се враќаат. Компаниите во зоните, во 2020 година уплатиле нето-износ од над 1.8 милијарди денари во буџетот на РСМ“, рече Деспотовски.