Северна Македонија очекува што поскоро формирање на Владата на соседна Бугарија, по што би се продолжило со заокружување на акцискиот план за соработка, а со тоа и зајакнување на билатералните односи и довербата меѓу Северна Македонија и Бугарија. Ова го истакна министерот за надворешни работи, Бујар Османи во Косово.
За време на посетата, тој оствари одвоени средби со претседателката Вјоса Османи-Садриу и претседателот на парламентот, Глаук Коњуфца.
Се разговараше за иднината на регионот со фокус на регионалната соработка, при што Османи ја реафирмираше пораката дека евро-атлантската перспектива и интеграција на целиот регион останува недвосмислена определба на двете држави.
„Наша заедничка амбиција е целосна интеграција на сите земји од регионот на Западен Балкан во Европската Унија. Во оваа насока, како земја членка на НАТО и земја кандидат за членство во ЕУ, подготвени сме да ги ставиме нашите стекнати знаења и искуства на располагање на нашите пријатели во Косово. Европската интеграција значи пред сè институционален и економски напредок, но уште повеќе, во својата суштина таа носи пријателство, солидарност и сигурност – вредности кои значат траен и долгорочен мир, стабилност и соодветно на тоа севкупен напредок како најзначајна потреба на нашите граѓани“, нагласи Османи.
„Без оглед на предизвиците со кои се соочува, а согласно својот демократски и реформски исчекор, Северна Македонија за време на португалското претседавање со Советот на ЕУ, очекува одржување на првата Меѓувладина конференција со ЕУ, што ќе означи и почеток на формалниот процес на преговори”, додаде тој.
Меѓу другото, за време на средбите начелно се разговараше и за парламентарната соработка и учеството на припадници на Армијата на Северна Македонија во рамките на мисијата на КФОР во Косово.