Скопското Основно јавно обвинителство поднесе обвинение против едно лице за тешки дела против општата сигурност и недозволено изработување, држење, посредување и тргување со оружје.
Обвинетиот на 4 јануари, пред куќа на улицата „Јабланица“ во Скопје, опожарил паркиран автомобил „ауди“.
Притоа употребил бензин и предизвикал експлозија.
Со пожарот кој се разгорел обвинетиот предизвикал значителна опасност по имот од поголеми размери, бидејќи огнот се проширил и кон други автомобили паркирани во близина, зафаќајќи директно уште едно возило „форд мондео“.
Со дејствијата обвинетиот предизвикал материјална штета од 348.088 денари на сопственикот на целосно опожареното „ауди“, како и 8.759 денари за сопственикот на делумно опожарениот автомобил „форд мондео“.
При претрес во домот на обвинетиот, на 5 февруари во село Варава, бил пронајден полуавтоматски пиштол марка „црвена застава М57“ со калибар 7,62Х25 милиметри, два куршума во рамка, како и уште 54 други куршуми од истиот калибар.
Надлежниот јавен обвинител предложил на обвинетиот да му биде продолжена претходно определената мерка куќен притвор, додека на сила и натаму се и дополнителни мерки за претпазливост – одземање на пасошот и забрана за прибилижување или комуникација со оштетените.