24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Царовска: Од први мај стартува електронски упис на првачиња

Од први мај се воведува нова услуга за електронски упис на првачињата. Преку порталот uslugi.gov.mk родителите/старателите ќе можат да пополнат апликација, да изберат училиште и да ги прикачат потребните скенирани документи. Откако апликацијата ќе биде прифатена, се одредува термин во кој ученикот ќе треба да дојде на разговор со педагогот во училиштето. Новата дигитална услуга денес ја промовираше министерката за образование и наука Мила Царовска заедно со претставникот на британската амбасада во Скопје Ричард Малион, извршната директорка на ЦУП Неда Малеска – Сачмароска и со Стефан Богоев градоначалникот на општина Карпош при посетата на ОУ „Вера Циривири Трена“.

„Оваа година благодарение на Центарот за управување со промени и Британската амбасада голем дел од услугите кои ги нуди МОН се дигитализираа, а посебно сум горда на оваа услуга која го олеснува пристапот на родителите кон упис на нивните деца и наши ученици во образовниот систем. Тоа ќе го направат со прикачување на сите потребни документи и откако тој административен процес ќе се заврши имаат само една посета во училиштето на средба со педагогот и проценка и понатамошно започнување на процесот на образование на еден ученик“ рече Царовска.

Услугата за електронски упис на првачиња е големо олеснување и за администраторите во училиштата, бидејќи наместо нив, податоците за секој запишан ученик се внесуваат автоматски во ЕСАРУ системот на министерството каде се води евиденција за сите училишта во државата. За користење на алатката од страна на училиштата, предвидени се соодветни обуки кои започнуваат уште утре.

За оние родители кои поради било каква причина немаат можност да ја искористат оваа електронска услуга, останува можноста за пријавување на првачињата за упис и со физичка достава на документи во училиштето.

Царовска информираше дека процесот на дигитализација на услугите во образованието е поддржан од Центарот за управување со промени, Владата на Обединетото Кралство, Британската амбасада во Скопје и Министерството за информатичко општество и администрација. Во рамки на истиот досега се дигитализирани неколку услуги, односно постапки, како постапката за нострификација на дипломи за основно, средно и високо образование стекнати во странство, аплицирањето за сместување во ученичките и студентски домови и за остварување на правото на ученички и студентски стипендии, како и аплицирањето за финансирање на проекти за реновирање на училишни објекти од страна на општините.

Министерката најави дека во следниот период ќе се дигитализираат и низа други услуги поврзани со основното и средното образование, но и во делот на науката.

Градоначалникот Богоев изјави дека е среќен што новата услуга и системот за електронски упис на првачиња се промовира токму од општина со која раководи и која воедно е прва општина што започна со дигитализација и воведе онлајн настава со почетокот на пандемијата.

Претставникот на британската амбасада Ричард Малион рече дека со поддршката која ја даваат на процесот на дигитализација на услугите во земјава, всушност воспоставуваат услуги од кои корист имаат многу семејства, додека извршната директорка на ЦУП Неда Малеска-Сачмароска потенцираше дека досега изработиле голем број дигитални административни услуги и дека задоволство е што процесот на дигитализација го почнале во образованието со неколку значајни постапки кои се од голема важност за граѓаните.