24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ВМРО-ДПМНЕ предлага рефундирање на разликата во цената за лекување од Ковид-19 во приватните болници

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе предлог-закон за дополнување на Законот за здравствена заштита со кој се предвидува рефундирање на разликата во цената помеѓу приватното и државното здравство на граѓаните кои се лекувале од Ковид-19 во приватните болници, изјави Петар Ристески, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Дополнително, ВМРО-ДПМНЕ предлага сите кои нема да можат да бидат примени во државна установа, да можат да отидат во приватна болница, каде ќе бидат лечени по цени исти како и во државното здравство.

„Исто така, со дополнувањата на Законот за здравствена заштита, ќе предвидиме граѓаните со хронични и останати болести, кои повеќе од 60 дена се на листа на чекање за некоја операција или друга здравствена, дијагностичка и интервентна услуга во државното здравство, да можат да отидат во приватна болница, а услугата да ја платат по цена како во државното здравство“, рече Ристески.

Тој додаде дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека под итно мора да се излезе во пресрет на граѓаните и со овој предлог на закон да се помогне пред сè финансиски и на граѓаните кои се заразиле со Ковид- 19, но и на оние кои што се мачат со некоја друга хронична болест, а поради пандемијата предолго се ставени на листата на чекање.