23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Заев: Народот знае дека СДСМ водеше историски процеси, со заслуга сме државотворна партија

„Народот знае дека токму СДСМ водеше историски државнички процеси кои резултираа денес да имаме модерна, независна и меѓународно признаена држава која е партнер и сојузник со демократскиот свет. Од вонвременскиот 8 септември 1991 година на плоштадот во Скопје, до историскиот 30 март 2020 на платото пред седиштето на НАТО во Брисел, СДСМ е нераскинлив дел од секој успех на државата и граѓаните. Не било лесно во тие историски премрежја на Балканот да се гради сопствена независна држава, да се води процес на меѓународно признавање и неизвесната иднина да се преземе во сопствени раце. Затоа со право денес велиме дека СДСМ е државотворна партија и тој епитет постојано го потврдуваме.“- говореше претседателот на СДСМ, Зоран Заев, на 30-тиот роденден на партијата, и потсети како беше совладан режимот на Никола Груевски во 2016 година.

„Секогаш без задршки и без калкулации СДСМ работела работи и ќе работи во интерес на граѓаните и државата. Така беше и кога тргнавме да рушиме режим. Кога пред целата јавност преку проектот Вистината за Македонија до срж го разголивме режимот. Кога со илјадници граѓани со месеци ги преплавувавме улиците низ градовите борејќи се за правда, слобода и еднаквост. Така беше и на крвавиот четврток, на 27 април 2017 кога не потклекнавме пред оние беа жедни за крв и влегоа со оружје во Собранието, кои не дозволуваа да се испочитува волјата на народот.“- порача Заев од роденденот на СДСМ.