Секој припадник на Армијата на Република Северна Македонија, покрај новата теренска униформа набавена минатата година, во својата лична опрема ќе добие нова гортекс униформа, донација од нашиот долгогодишен поддржувач и сојузник во НАТО Алијансата, Република Турција.
На денешното примопредавање на 7.400 комплети гортекс униформи во касарната „Илинден“ во присуство на турскиот амбасадор, Хасан Мехмет Секизкок, министерката за одбрана, Радмила Шекеринска порача дека со оваа опрема се овозможува припадниците на Армијата да можат да изведуваат вежбовни активности и операции во секакви временски услови.
„На денешниов настан мислам дека најсоодветно одговара реченицата дека ако самиот си сработиш и пријателите подобро ќе ти помогнат. Во изминатиов период ставивме фокус на решавање на проблемот кој долги години ја мачеше македонската Армија, а тоа беше проблемот со лична опрема, со униформи со лично обезбедување. Во изминативе три години, сите проблеми кои што се однесуваат на целосното обезбедување на ваква опрема ги решивме. Обезбедивме нови униформи, обезбедивме нови чизми, во претходните денови веќе е завршена набавката на втор сет, втора нова борбена униформа за сите припадници, ја финишираме свечената униформа за припадниците на Армијата, меѓутоа исто така обезбедивме нова АБХО опрема, спортска опрема за сите припадници и листата навистина оди понатаму Со денешнава донација, практично на секој припадник на нашата Армија му обезбедуваме целосна опременост и можеме гордо да кажеме дека македонската Армија е опремена армија“, рече министерката.
Заблагодарувајќи се за постојаната турска поддршка, министерката порача ова е само мал дел од поддршката која што и во изминативе години Република Турција ја дава на Северна Македонија.
„Ќе бидете сведоци и следните денови дека навистина нашата соработка не се однесува само на дискусии само околу безбедноста, не се однесува само на политички пораки, дури не ги опфаќа и само заедничките учества во операции, бидејќи да не заборавиме денеска војниците и на Армијата на Република Северна Македонија се дел и на турски контингент во Авганистан, туку тоа значи и учество и соработка по вакви важни проекти за македонската Армија“, истакна Шекеринска.
Амбасадорот на Турција во земјава, Секизкок, порача дека зачленувањето на земјава пред една година во НАТО, „членство кое долги години го заслужуваше, ќе овозможи уште помоќно вкоренување на заедничките вредности на Алијансата низ балканскиот регион и соработката на нашите земји која се базира на сигурни темели ќе продолжи да се развива во сите области и во наредниот период“.
Амбасадорот Секизкок додаде дека Турција ќе продолжи да дава секаков вид на поддршка при модернизацијата на Армијата на Република Северна Македонија.