25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

„Репортери без граници“: Културата на неказнивост и понатаму опстојува

Со скок од 2 места, Македонија сега се наоѓа на 90-то место од вкупно 180 земји во светот според овогодишниот индекс на „Репортери без граници“ кој ја мери слободата на медиумите во државите низ светот.

Еден од основните проблеми кои ги истакнува извештајот на „Репортери без граници“ е опстојувањето на културата на неказнивност кон насилството и нападите врз новинари. За оваа појава Здружението на новинари на повеќе пати јавно укажуваше во текот на минатата година и алармираше дека доколку не се казнуваат напаѓачите кон новинарите, насилството ќе продолжи, а ова ќе биде нотирано и од меѓународните организации.

Во делот за нашата земја се наведува дека: „2020 година беше вонредна година за Република Северна Македонија. Парламентот се распушти, привремената влада ја презеде власта, а потоа мораше да се одложат предвремените парламентарни избори заради пандемијата Ковид-19 и соодветно прогласената вонредна состојба. Ситуацијата со медиумите се влоши, високи владини претставници продолжија да се закануваат и да ги навредуваат медиумите, а се зголеми и кибермалтретирањето и вербалните напади врз новинарите на социјалните мрежи.“, се вели во извештајот на „Репортери без граници“.

Во извештајот дополнително се наведува дека известувањето беше комплицирано со тековната пандемија. Медиумските организации исто така остро се спротивставија на различните предложени измени и дополнувања на законот за државни и приватни медиуми со кои се овозможува државно рекламирање во медиумите со образложение дека може да го поттикне клиентелизмот. Министерството за правда подготвува нов кривичен законик којшто треба да овозможи безбедност за новинарите и медиумските работници.

Според последниот индекс за слобода на медиумите, од соседството, пред Северна Македонија се: Косово на 78. и Албанија на 83. место, додека зад нас се наоѓаат Србија, на 93. место, Црна Гора на 104. и Бугарија на 112. место. Северна Македонија според индексот за слободата на медиумите во 2009 година беше на 34. место од 175 земји во светот.