14. октомври 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

МОН: Новиот закон ќе обезбеди учебници без грешки, нелогичности и стереотипи

Министерството за образование и наука тврди дека новиот Закон за учебници и други наставни и дидактички материјал, кој е дел од планот за реформа на националниот образовен систем, е изготвен врз основа на анализи на позитивни практики од повеќе развиени земји во Европа кои го имаат надминато системот на класична употреба на учебник.

МОН во допис до медиумите наведува дека воспоставувањето систем на отворени образовни ресурси е тенденција кон која се стремат и земјите во развој, вклучително и Северна Македонија.

„По секој предмет повеќе нема да постои само еден извор на информации, туку ќе се користат најмногу до три учебници, што ги насочува учениците кон истражување и анализа пред да донесат заклучоци и да меморираат знаења. Дигитализацијата, пак, ќе обезбеди лесна достапност на материјалите за учење, кои стануваат интерактивни и збогатени со мултимедиални содржини – филмови, анимации, видеоприкази, галерија на слики и задачи, како и нивно поедноставно ажурирање со најнови податоци и факти пред почетокот на секоја учебна година. Но, имајќи ја предвид автономијата на наставниците во изборот на материјали и средства за настава, тие можат да отпечатат дел од материјалите за потребите на часот, односно училиштата ќе можат целосно да го отпечатат учебникот за секој ученик кој поради каква било причина нема можност да ги користи електронските учебници“, велат од МОН.

Материјалите за учење и понатаму остануваат бесплатни за сите ученици, вклучително и за учениците со оштетен вид за кои државата ќе печати учебници на Брајово писмо, покрај достапноста на секој учебник во аудио формат.

МОН заклучува дека инклузивноста е основен принцип врз кој е создадено новото законско решение, кое меѓудругото ќе обезбеди и учебници без грешки, нелогичности и стереотипи, како и содржина која ќе биде напишана на авторски јазик разбирлив за учениците и соодветната возраст на учениците.

Можеби ќе ве интересира

Филипче: Кога институциите молчеа, ние ја кренавме вистината за Кочани

ДЕСК

Филипче: Никој во Кочани не може да оди со крената глава, не се оди така пред луѓе што изгубиле сè

ДЕСК

Филипче од Виница: ВМРО-ДПМНЕ ја остави Виница без ниту еден проект, во долгови, смет и зголемени сметки

ДЕСК
error: Соддржината е заштитена.