25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Претседателот Пендаровски го посети Армискиот Полигон „Криволак“

Претседателот Стево Пендаровски денеска беше во посета на Армискиот Полигон „Криволак“ каде беше информиран за активностите на припадниците на Армијата на Република Северна Македонија и на припадниците на 15-от Инженериски баталјон од Армијата на САД, во пресрет на почетокот на големата меѓународна вежба „Одлучен Удар-21“.

Претседателот Пендаровски изврши обиколка на дел од терените, како и сместувачките капацитети каде се предвидени активности на претстојната вежба „Одлучен Удар-21“ и беше запознаен со планот за подобрување на инфраструктурата и предвидените понатамошни проекти кои имаат цел да го промовираат „Криволак“ во современ воен тренинг центар на кој ќе можат да се одржуваат вежбовни операции според сите стандарди на НАТО. Претседателот Пендаровски направи увид и во градежните активности кои се реализираат со цел надградба и проширување на капацитетите за обука и вежбање на полигонот.

Претседателот оценил дека Армијата на Република Северна Македонија како НАТО членка со претстојната вежба ќе има одлична можност да ја подобри интероперабилноста со другите земји учесници членки на НАТО, информираат од неговиот кабинет.

За време на посетата, на претседателот Пендаровски му биле презентирани и планираните активности поврзани со првичното оценување на декларираниот лесен пешадиски баталјон, според НАТО стандардите „КРЕВАЛ“ кое претстои во текот на 2022 година.

Пендаровски изразил очекување дека успешно ќе бидат оценети борбените способности на овој баталјон, согласно највисоките НАТО стандарди и ќе биде сертифициран како борбено способен за изведување на операции на НАТО.

Тој бил запознаен и со фукционирањето на Ковид центарот во рамки на полигонот Криволак, кој е формиран за превентивно спречување на ширењето на Ковид-19, пред и за време на вежбата.

Вежбата „Одлучен удар-21“ ќе се одржи во периодот од 17.05.2021 до 02.06.2021 година на Армискиот Полигон „Криволак“.

Околу 1.100 припадници на Армијата на Република Северна Македонија ќе учествуваат на вежбата, а покрај нив ќе учествуваат и армиите на САД со околу 300 припадници и на Република Грција и Република Бугарија со по околу 20 припадници.