Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во изјава за медиумите во врска со случајот за Рашковски рече дека оставка треба да си поднесе целата Влада, а Рашковски треба да е во затвор.
Мицкоски рече дека не е возможно службеник како Рашковски со неколку стотици евра плата да гради хациенди од илјадници квадратни метри, да вози луксузни автомобили по осумдесет илјади евра и да летува во монденски места.
„Оставка треба да си поднесе целата криминална влада, не треба само Рашковски да си поднесе. Рашковски одамна треба да биде таму каде што припаѓа, а тоа е во затвор. Не може службеник со плата од неколку стотици евра или професор на факултет да поседува и да гради хациенди од илјадници квадратни метри, да летува и да дезертира во ек на пандемија таму каде што беше и да ни кажува дека биле евтини аранжманите, да се вози со нови џипови од 70, 80 илјади евра, ако се негови, не знам, така излезе информација во медиумите“, рече Мицкоски.
Дополнително, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, потенцира дека оставката на Рашковски е прв морален чин што требало да се случи и поодамна, но и дека ова треба да продолжи во континуитет и со Владата.
Тој вели дека ако блиските соработници на Заев стократно го зголемуваат своето богатство, тогаш само прашање е што се случува со другите, односно со оние што се во првите редови на власта.
„Ако сето ова се потврди како точно, ова е уште еден срам и блам на оваа Влада бидејќи лицето што до вчера беше еден од најблиските соработници на Зоран Заев може да замислите што прави тој ако овој вака неколкукратно го зголемува, стократно го зголемил своето богатство, тогаш којзнае што се случува со другите. Срамота. Срамота е ова што се случува и оставката е би рекол прв морален чин да се случи нешто иако порано требаше да се случи, но ова треба да продолжи во континуитет и со Владата. Она што можам да го кажам, еве и како еден колега, се срамам што вакви луѓе воопшто се мои колеги од универзитетот иако не сме на ист факултет“, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.