27. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Во последните седум дена инспекциските служби спроведоа 5.197 надзори и контроли, затворени се осум угостителски објекти

Во последните седум дена инспекциските служби спроведоа 5.197 надзори и контроли, затворени се осум угостителски објекти

Во периодот од 29-ти март до 4-ти април, од страна на седумте инспекциските служби, се спроведени вкупно 5.197 надзори и контроли. При спроведените надзори, Државниот пазарен инспекторат, изрече 34 прекршочни пријави, 91 решенија за констатирани неправилности, како и 43 прекршочни платни налози. Од вкупниот број на решенија, осум решенија се донесени поради непочитување на Законот за заштита на населението од заразни болести и Протоколот за работа на угостителските објекти, односно на лице место се затворени осум угостителски објекти и тоа по два угостителски објекти во Скопје и Битола, и по еден угостителски објект во Гостивар, Тетово, Струга и Куманово, во кои не се почитувало работното време и/или ограничувањето за четири лица на една маса.

Во прилог е интегралното обраќање на претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска:

„Изминатиот период, за жал, сведоци сме на зголемен број на новоинфицирани лица од вирусот КОВИД-19, но и на починати лица како последица од коронавирусот. Оваа состојба доведе до повторно воведување на рестриктивни мерки, во насока на спречувањето на ширењето на коронавирусот со единствена цел заштитата на јавното здравје и заштита на сите граѓани. Согласно владината одлука, од вчера веќе стапи на сила мерката за забрана за движење на граѓаните во временски период од 20:00 часот до 05:00 часот наредниот ден, која ќе трае до 20 април. Од вчера важи и целосната забрана за посетители и гости во сите вежбални, фитнес клубови, спортски центри и сали наменети за вежбање.

Од денеска стапи на сила мерката за целосна забрана за посетители/гости во сите угостителски објекти – кафетерии, ресторани, барови, клубови, како и во делот за исхрана во угостителски објекти за сместување, хотели, мотели, хостел, пансион или на бензински станици. Оние угостителски објекти кои вршат подготовка и продажба на храна можат да вршат достава или да овозможат подигнување на нарачката надвор од угостителскиот објект (штанд/пулт). Исто така, од денеска има забрана за посетители/гости во сите обложувалници. Работата на обложувалниците да биде овозможена исклучиво преку вршење на шалтерска услуга. И овие мерки ќе важат до 20 април.

Инспекциските служби како важен контролен механизам за правилно спроведување на мерките и здравствените протоколи, продолжуваат со интензивни контроли на терен, и санкции за оние кои нема да ги почитуваат мерките.

Почитувани,

Дозволете ми да ги презентирам податоците од спроведените контроли од страна на 6-те инспекциските служби во периодот од 29-ти март до 4-ти април. Во овој период Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот инспекторат за транспорт и Агенцијата за лекови и медицински средства, спроведоа вкупно 5.197 надзори и контроли.

Или поединечно по инспекторати состојбата е следна:

Државниот здравствен и санитарен инспекторат изврши 92 надзори, врз основа на кои изрече 17 решенија. Притоа, овој инспекторат којшто покрај вршењето на надзори во здравствените установи, задолжен е и за издавање на решенија за изолација, во посочениот период издаде вкупно 13.957 решенија за изолација и домашно лекување на лица позитивни на КОВИД-19 и лица кои биле во контакт со заболени лица од КОВИД-19.

Во истиот период, инспекторите од Државниот пазарен инспекторат, извршија 3.938 контроли и 564 надзори поврзани со почитување на здравствените протоколи за отворање и работа на кафетерии и угостителски објекти кои послужуваат храна, Закон за заштита на потрошувачи; Закон за трговија; Закон за нерегистрирана дејност; Закон за угостителска дејност; Закон за градежни материјали; Закон за занаетчиска дејност; Закон за енергетика; Закон за метрологија; Закон за безбедност на производите; Закон за заштита од пушењето.

При спроведените надзори, изречени се 34 прекршочни пријави и 91 решенија за констатираните неправилности, како и 43 прекршочни платни налози. Од вкупниот број на решенија, осум решенија се донесени поради непочитување на Законот за заштита на населението од заразни болести и Протоколот за работа на угостителските објекти и тоа за по два угостителски објекти во Скопје и Битола, и по еден угостителски објект во Гостивар, Тетово, Струга и Куманово, во кои не се почитувало работното време и/ или ограничувањето за четири лица на една маса. Во сите случаи изречена е мерка забрана за вршење на дејност, односно истите се затворени за работа на лице место, а дополнително и изречени им се соодветни прекршочни платни налози.

Во периодот од 29-ти до 4-ти април, Инспекторат за транспорт изврши 30 надзори, при што за непочитување на материјалните закони изречени се: две прекршочни пријави и една ППН. Во однос на Законот за заштита на населението од заразни болести и Протоколите за превоз на патници, минатата недела не се констатирани неправилности.

Државниот инспекторат за труд, во изминатите седум дена изврши 341 надзори во правни субјекти на територијата на целата држава со фокус на почитување на здравствениот протокол за превентивни мерки за сите работни места. При тоа инспекторатот изрече 16 решенија. Од вкупниот број на решенија, девет решенија се донесени поради непочитување на Протоколот за превентивни мерки за сите работни места, а дополнително изречени се и пет ППН за пет вработени за неносење лична заштитна на лицето спротивно чл.28 ст.6 т.1 од Закон за заштита на населението од заразни болести.

Агенцијата за лекови и медицински помагала, МАЛМЕД во истиот период спроведе 12 надзори во аптеки и при истите не се констатирани неправилности.

Агенцијата за храна и ветеринарство, изврши 220 надзори по Закон за заштита на населението од заразни болести и по Закон за безбедност на храна, при што издадени се осум решенија и 15 едукации и две ППН, по основ на небезбеден производ, неизвршени здравствени прегледи, неспроведување на општи хигиенски мерки, неправилно складирање, чување и означување на производи, неводење на записи за ДПП/ДХП.

Ова беа податоците од спроведените контроли во текот на изминатите седум дена. Денеска како што кажав стапи на сила мерката за целосна забрана за посета на угостителски објекти. Апелирам до правните лица, до граѓаните, да ги почитуваат новите мерки, ги охрабрувам инспекторите да вршат контроли и надзори, нема толеранција кога е во прашање заштитата на здравјето на граѓаните. Ова е период кога треба сите да го дадеме максимумот во битката со вирусот. Видовме дека овој бран на вирусот е многу поопасен и побрзо прогресира, и затоа е клучно ограничувањето на бројот на контакти и почитувањето на мерките. Да се заштитиме себеси, нашите најблиски, и секако да го намалиме притисокот врз здравствените работници. За крај ја користам оваа можност да го честитам денешниот Светски ден на здравјето, и оваа прес-конференција ја посветувам на сите оние кои секојдневно деноноќно работат и се грижат за заштита на здравјето на секој граѓанин, а тоа се докторите, сите здравствени работници, инспекторите, полицијата, армијата и сите кои учествуваат во оваа здравствена битка“.