26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

За новата стратегија во надворешната политика ќе се консултираат и граѓаните

Министерството за надворешни работи започнува нова доктрина на работата на дипломатијата поставена на три столба, која треба да резултира со нова десетгодишна надворешна политичка стратегија – Рефлексија 20-30, изјави денеска на прес-конференција Министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

Тој соопшти дека новата стратегија ќе се создава преку широк консултативен процес, поставен на три столба: широки граѓански консултации, организирани тематски конференции и формирање на Стратешки совет за надворешна политика.

Османи нагласи дека започнуваат со широки граѓански консултации, преку кои најави оформување на врските меѓу надворешната политика и потребите на граѓаните.

„Се работи за партиципативни и инклузивни демократски средби, кои ќе се одржуваат во општините и преку кои ќе се обидеме да ги зацврстиме врските меѓу обичниот граѓанин и евроатлантската интеграција на земјата“, изјави Османи.

Преку вториот столб, Османи најави засилување на процесот на инклузивност со организирани тематски конференции за новата стратегија – Рефлексија 20-30.

„Целта е во еден инклузивен и транспарентен процес на највисоко можно академско, експертско, стручно и политичко ниво да се опфатат теми кои се дел од приоритетите на надворешната политика, приближување на нашата држава кон ЕУ, но и вклучувањето во самата Унија, нашето членство во НАТО, односите со соседите, за регионалните иницијативи и воопшто севкупната иднина на Западниот Балкан, нашиот придонес во заштита на мултилатерализмот и самото учество на земјата во други меѓународни организации“, изјави Османи.

Како трет столб овој процес ќе добие институционална форма, преку создавање на Стратешки совет за надворешна политика.

„Постојано тело, кое ќе претставува еден вид на управен одбор, каде по можност најдобрите, најстручните и најискусните ресурси кои ги има државата ќе бидат ставени во функција на следење, анализирање и транспонирање на политичките и стратешки правци на земјата во конкретните политики за надворешни работи“, изјави шефот на дипломатијата.

Преку активностите содржани во овие три столба, Османи најави изготвување на десетгодишна стратегија за надворешна политика на Република Северна Македонија – Рефлексија 20-30, која ќе биде претставена и пред Претседателот, впремиерот, надлежните комисии и совети во Собранието, а ќе бидат консултирани и меѓународните пријатели – претставниците од ЕУ, стратешките партнери САД и дел од земјите кои досега имаат силен импакт во развојот на држвата.