Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров, официјалната посета на Словенија ја почна утрово во Љубљана со средба со домаќинот, министерот за надворешни работи, Анже Логар.
Посетата се надоврзува на средбите во Германија, која како претходен претседавач со Европската Унија тесно соработува со Португалија и Словенија во рамките на актуелното трио. Таа се случува во момент кога Словенија ја обликува агендата на Советот на Унијата како нејзин иден претседавач од 1 јули годинава. Проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан како еден од приоритетите на словенечкото претседателство беше клучна тема на средбите во МНР. Во тој контекст Димитров нагласи дека европскиот проект е едно од најголемите постигнувања, кое донесе мир и стабилност на овој континент и токму затоа тој треба да се заокружи со интеграција на регионот во Унијата.
„Словенија отсекогаш ја поддржувала интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ не само заради нашите блиски односи и заедничкото минато туку и затоа што ја препознава важноста овој дел од Европа да си го најде своето заслужено место во европското семејство. Како иден претседавач со Унијата, Словенија има одлична можност во многу критичен момент за нашата европска иднина уште еднаш да ја демонстрира оваа поддршка на дело“, рече Димитров.
Димитров и Логар преку отворен и искрен разговор се осврнаа на наметнатите предизвици во контекст на преговарачката рамка согласувајќи се дека процесот не смее да се застрани од објективното вреднување на критериумите за почеток и крај на пристапните преговори.
„Крајно време е за успех и чекор напред за евроинтеграцијата на регионот и Северна Македонија кон ЕУ. Тоа е стратешки важно, особено годинава кога кредибилитетот и влијанието на ЕУ во регионот е на голем тест. Верувам дека со конструктивност и отвореност од сите страни ќе успееме да ги придвижиме работите во посакуваниот правец – конечно закажување на меѓувладината конференција со Унијата“, нагласи Димитров.
Од словенечка страна беше потенцирано дека вклучувањето на Западен Балкан во ЕУ не е само од интерес на земјите од регионот туку и геостратешка потреба на Унијата.