25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Димитров во официјална посета на Словенија

Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров, денеска ќе престојува во официјална посета на Љубљана.

Предвидено е Димитров да има средби со словенечкиот претседател Борут Пахор, министерот за надворешни работи, Анже Логар, претставниците на Комитетот за европски работи во словенечкиот парламент, како и со пратениците од Комитетот за надворешна политика, а меѓу соговорниците за европската иднина на Северна Македонија ќе бидат и европратеничката Тања Фајон, со која Димитров исто така ќе се сретне за време на официјалната посета.

Темите за разговор со словенечките соговорници ќе бидат на иста линија како и разговорите во Германија дотолку повеќе што Словенија ќе го преземе кормилото со Советот на ЕУ во втората половина од оваа година, а двете земји имаат тесна соработка во рамките на актуелното трио. Поконкретно, ќе се разговара за приоритетите на словенечкото претседателство, особено проширувањето на ЕУ, кое е високо на нивната агенда.

На средбите ќе се отворат теми повразни со билатералната помош, што во континуитет ја добиваме од Република Словенија како наш традиционален партнер и поддржувач и која дава значителен придонес како за ЕУ-реформите така и за конкретни инфраструктурни проекти.