23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Изјава на претседателот Пендаровски по 12-та седница на Советот за безбедност

Во Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија денеска се одржа 12. седница на Советот за безбедност, на која беше разговарано за актуелната состојба со пандемијата на Ковид-19 на територијата на Република Северна Македонија, за преземените мерки и за планираните активности од страна на надлежните институции.


Воо продолжение е интегралниот текст од изјавата на претседателот Пендаровски.

Денеска се одржа 12-та седница на Советот за безбедност, присутни беа сите од редовниот состав, а надвор од редовниот состав беа поканети и присуствуваа министерот за здравство и директорот на Агенцијата за разузнавање.

Членовите на Советот дискутираа за активностите на надлежните органи за спрaвување со пандемијата на Ковид-19. Знаете, поминуваме низ најсилната фаза на пандемијата до сега. Капацитетите на македонското здравство се оптоварени до својот максимум. Членовите на Советот побараа користење на сите расположливи ресурси за да може секој граѓанин да ја добие неопходната здравствена заштита. Државата не смее да дозволи ниту еден наш граѓанин да не биде примен на болничко лекување. Од министерот Филипче добивме уверување дека такво нешто до сега не се случило, ниту пак ќе се случува од сега.

Сакам да им се заблагодарам на здравствените работници за целосната посветеност и максимален ангажман и да апелирам до граѓаните да ги почитуваат препораките, да бидат совесни и одговорни. Меѓутоа, во овој дел мора да кажам дека ние, политичарите, мора први да дадеме пример со почитување на мерките и законите, само така ќе имаме образ да го бараме истото и од граѓаните.

Според она што го рече министерот Филипче имунизацијата ќе започне од утре. Побарав надлежните да го организираат процесот на вакцинирање во најдобар ред и таа обемна операција да продолжи до целосна имунизација на населението. Прекини во тој процес едноставно не смее да има. Тоа не го барам само јас, верувам дека го пренесувам чувството на огромното мнозинство македонски граѓани кои се незадоволни од она што на тој план го направивме до сега. Сликите кои ги гледавме изминатиот викенд во соседна Србија тоа најдобро го илустрираат. Такви слики едноставно не смеат да се повторат, благодарност до Србија, се разбира, но, тоа беше срам за нашата држава. Едноставно, државата мора да најде начин своите граѓани да ги вакцинира и да им пружи здравствена заштита тука.

Точно е дека како држава се потпиравме на Ковакс механизмот кој задоцни повеќе од 2 месеци со испораките, точно е дека верувавме во солидарниот фонд на ЕУ кој иако најавен за јануари ќе профункционира дури во април оваа година, точно е дека од 5-те најбогати членки на ЕУ ниту една нема целосно вакцинирано повеќе од 5 проценти од својата популација, точно е дека според СЗО (овој податок е најнов од 16.3. оваа година) околу 80% од сите произведени вакцини во светот се распределени во само 10 земји во светот, меѓутоа нашите граѓани тоа воопшто не ги интересира.

Сакам во оваа прилика да упатам и еден личен апел, да ги повикам приватните здравствени установи да ја разгледаат можноста да се откажат од профитот за да ги направат нивните услуги подостапни за инфицираните од Ковид-19 и ако за тоа има потреба, да го упатуваат и својот медицински персонал на работа во јавните здравствени установи. Убеден сум дека во време на големи колективни страдања не треба ничии семејни несреќи и трагедии да ги користиме за лична добивка и делење дивиденди.

Надвор од денешната дискусија на Советот за безбедност, дозволетe ми да го поздравам договорот – вчерашниот компромис кој го направија претседателите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ за одложување на пописот на населението. Како што предложив пред неколку месеци, доколку ситуацијата со пандемијата не се подобри, одлагањето на пописот нема да предизвика никаква штета за никого. Напротив, со вакцинацијата ќе бидат создадени услови за негово успешно спроведување, без да има било каква основа било кој да се посомнева во неговата легитимност.

Не е неважно и за останатите прашања, како што е изборното законодавство, спроведување на локалните избори, деблокирање на работата на Собранието и сетот на закони за поддршка на економските субјекти и на граѓаните во наредниот период да биде постигнат напредок.

Очекувам дека на средбата која е најавена за утре со партиите кои предложија измена на Законот за државјанство, исто така, ќе биде постигнат компромис, затоа што од една страна не е добро, заради еден политички предлог на опозицијата, парламентот да биде комплетно парализиран, но, не е добро и да немаме решение за реалните проблеми на наши граѓани кои со години живеат тука, а не можат да го регулират својот престој и да ги остваруваат своите права, сосема небитно колку луѓе спаѓаат во таа категорија.

На крајот, ако процесот на имунизација не тече како што е најавен или ако договорот меѓу власта и опозицијата не се почитува, очекувајте веќе наредните денови јавно да посочам кон оние што ќе се однесуваат неодговорно. После година дена практична изолација и карантин кога сите се на работ на силите, не смееме уште еднаш да ги разочараме луѓето на кои им е преку глава од нашите партиски и политички препукувања во ситуација кога секојдневно ни умираат толку многу наши сограѓани.

И на крај уште еден детал, за да нема никаков сомнеж за имунизацијата која почнува помасовно од утре натаму, дека некој од нас може да ја злоупотреби позицијата на која се наоѓа и преку ред да биде вакциниран, на Советот за безбедност се договоривме од утре, сите ние – претседател, премиер, министри и други државни функционери, да се пријавиме на сајтот на Министерството за здравство како секој друг граѓанин и кога ќе ни дојде редот, според предвидените категории, тогаш сите ние ќе се вакцинираме. Значи, сосема небитно на која функција сме. Ние сме, така треба да биде за многу други работи не само за ова, исти со сите други граѓани кои живеат во оваа земја.