Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров учествуваше на конференцијата на тема „Како да се врати проширувањето на ЕУ на вистинскиот пат.
Конференцијата, како што информираат од неговиот кабинет, беше можност за актуелизирање на предизвиците на македонските европски интеграции.
Во тој контекст вицепремиерот Димитров посочил дека oваа година одбележуваме 2 декади, односно 20 години од ССА и 16 години кандидатски статус.
„Чекавме бидејќи имавме спор со нашите соседи од Атина, па го решивме. Потоа имаше проблем со вербата во самиот процес на пристапување, па моравме да чекаме за новата методологија, за конечно во март минатата година да добиеме зелено светло, но овој пат ЕУ не може да ја исполни сопствената одлука, иако во нашиот случај таа беше безусловна. Очигледно постои проблем со кредибилитетот на Европската Унија и мислам дека ова се рефлектира не само на нашиот случај, туку врз целиот регион”, изјавил Димитров.
На конференцијата, вицепремиерот го отворил и прашањето со политизирањето на билатералните проблеми низ преговарачкиот процес.
„Киднапирање на процесот со билатерални прашања ја поткопува политиката на условеност што е основен предуслов за успех на процесот на пристапување, испорачување резултати од двете страни. Особено кога овие билатерални прашања се против темелните принципи и вредности како што е јазичната и културната различност на континентот. Значи, нашиот проблем не е територијален спор, не е прашање на затворање на нуклеарна централа, туку нашето право на самоопределување. Јас сум Македонец и јас не би требало да бирам помеѓу тоа да бидам Македонец кој зборува македонски јазик и да станам Европеец во смисла на дел од Европска Унија“, рече Димитров.
Вицепремиерот ја искористи можноста да порача дека Северна Македонија сепак нема да биде фокусирана само на отстранување на пречките, туку ќе остане посветена на реформите од првиот кластер.
На конференцијата со Димитров, учествуваа и потпретседателката на Европскиот парламент, Катарина Барли, и австриската министерка за европски прашања Каролина Едштадлер.