Полициски час без јасна стратегија, протоколи, вакцини и заштита на граѓаните нема да даде никаков ефект, смета ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата обвинија дека Македонија е во тотален хаос и дека нема ни стратегија, ни цел, ни протоколи, ни вакцини.
„Новиот бран од епидемијата од ковид 19 неконтролирано се шири, а неспособната власт на Заев нема ниту план да го спречи. Власта нема набавено вакцини и затоа сме 118 место по број на вакцинирани во светот според Блумберг. Истовремено сме на 7-мо место по смртност и во такви услови власта на заев организира попис кој уште повеќе ќе ја влоши епидемиолошката слика. Тоа само ја покажува целата неспособност и неодговорност на власта. Во отсуство на јасни протоколи и заштита на граѓаните, власта посега кон воведување на полициски час како единствена мерка. Тоа само дополнително ќе ги зголеми метежите во јавниот превоз, шалтерите и институциите, а ефектите ќе бидат безначајни“, велат од партијата.
Вака како што наумил Заев, а Филипче и Комисијата како што спроведуваат, велат од ВМРО-ДПМНЕ, само ќе се влошува состојбата.
„Економијата во државата, здравјето и животите на граѓаните и понатаму ќе останат жртвите на хаосот кој го создава власта на Заев со нивните стихијни и недоволно планирани мерки“, се наведува во соопштението.