24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Андоновска: Филипче не најде начин за доволно количини на Клексанот, но најде начин да го поскапи

Филипче не најде начин да има лекови кои живот значат, како познатиот Клексан, ама најде начин драстично да ги зголеми цените, обвини Марија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ.

„За основен лек кој не е потребен само за болните од корона, туку и за трудници и останати лица кои имаат проблеми со циркулација, ем нема лек, ем ако го најдете ќе го преплатите неколку пати повеќе. Така државата, или министерот за здравство Венко Филипче преку Фондот за здравство, не најдоа начин да има доволно количини на антикоагулати, лекови кои помагаат да не дојде до згрутчување на крвта и создавање на тромб, ама затоа најдоа начин како да ги зголемат цените“, рече таа.

Колку за илустрација, додаде Андоновска, цената на познатиот антикоагулант Клексан се движеше од 175 до 182 денари, а сега се движи од 255 до 270 денари. Но, вели таа, Фондот ќе ви врати само 101 денар.

„Или цената за 10 фраксипарини од 0,6 во аптека се плаќа 2.675 денари, а Фондот враќа за тоа 1.509 денари минус партиципација 240 денари. Значи за 10 фраксипарини купени во аптека за цена од 2.675 денари, Фондот враќа само 1.269 денари. Или не враќа ниту 50 проценти. Иако цената на лекот е зголемена, Фондот не ја зголемува сумата која треба да им ја врати на граѓаните. Ова е направено со дозвола од министерството за здравство на 10-ти ноември минатата година“, рече Андоновска.

Таа вели дека сумата која Фондот ја враќа не е сменета од 2014 година и дека кога има вакви поместувања на цените на пазарот, мора да се прилагоди и сумата која ја враќа Фондот на граѓаните.

„Министре ставете го и антикоагулантот Ксарелто на позитивна листа, а за веќе споменатите Клексан и Фраксипарин, направете реално да бидат на позитивна листа, а не граѓаните да плаќаат повеќе од 50 проценти од цената, тоа не е позитивна листа“, рече Андоновска.