„Изминативе денови сме соочени со гнасни и мизерни нападни од страна на блиски луѓе на Мицкоски на социјалните мрежи. Тие под негова команда ги омаловажуваат и навредуваат сите делегати, кои секој ден сѐ помасовно се приклучуваат кон идејата за вонреден конгрес и негова смена! Методите на напад се брутални против секого што бара негова смена“, објави на „Фејсбук“ поранешниот градоначалник на Аеродром, Ивица Коневски, кој е член на иницијативниот одбор за вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, сѐ посилните навреди и клеветења го покажуваат стравот дека фотелјата на Мицкоски секој ден сѐ посилно се тресе. „Примитивните напади покажуваат дека дното е допрено, подолу не може да се отиде! Деструкција, навреди, клевети на секој чекор, но издржавме и ќе издржиме! Крајот е блиску, а Мицкоски во моментот е давеник што бара сламка за да се спаси не избирајќи средства и начини да се задржи на позицијата на која е! Никој и ништо не може да нѐ заплаши! Имаме обврска и одговорност кон членството да ја поправиме грешката што ја направивме кога го гласавме #Мицкоски за нов претседател на #ВмроДпмне! Драги делегати, сега е моментот масовно да излеземе и да покажеме дека никакви измислици нема да нѐ сопрат. Знаеме кои сме и што сме! Конгресот е на прагот! Заедно сме посилни!Време е да се стави крај на сите поделби и #ВмроДпмне да се врати на вистинската патека, патеката што носи победи, а не деструкција“, вели Коневски.