Индексот на трошоците за живот во јануари 2021 година, во однос на јануари 2020 година, бележи зголемување од 1,9 %, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 1,6 %, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Намалување на индексите на трошоците за живот во јануари 2021 година во споредба со претходниот месец е забележано кај свежиот и разладениот зеленчук, освен компири и други коренести плодови, и тоа 6,5 %, свежото и разладеното овошје 1,6 %, виното 0,5 %, месото 0,4 %, рибата и морските плодови, сирењето и урдата 0,3 %, минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук 0,2 %.
Исто така, намалување на индексите на трошоците за живот е забележано и кај домашните миленици и сродните производи, и то 2,7 %, течните горива за домаќинствата 1,9 %, опремата за спорт, кампирање и рекреација на отворено 1,3 %, информатичката опрема за обработка на податоци 1,1 %, обувките 1,0 %, цврстите горива за домаќинствата 0,9 %, малите електрични апарати за домаќинствата 0,6 %, опремата за прием, снимање и репродукција на звук и слики 0,5 %, другата облека и додатоците за облека 0,4 %, облеката, стаклените садови, кујнскиот прибор и другата опрема 0,2 %.
Пораст на индексите на трошоците за живот во јануари 2021 година во споредба со претходниот месец е забележан кај шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи, и тоа 0,6 %, прехранбените производи неспоменати на друго место 0,5 %, маслото и маснотиите 0,4 %, жестоките пијалаци 0,3 %.
Во јануари исто така пораст на индексите на трошоците за живот е забележан и кај електричните апарати за лична хигиена, и тоа 4,0 %, гасот за домаќинствата 3,6 %, горивата и мазивата за сопствените превозни средства 2,0 %, мебелот и покуќнината 1,6 %, велосипедите 1,4 %, големите електрични апарати за домаќинствата 1,0 %, патниот патнички транспорт 0,8 %, градините, растенијата и цвеќињата, книгите 0,6 %, другите апарати и производи за лична хигиена 0,4 %, моторните возила, одржувањето и поправката на сопствените превозни средства 0,3 %, фармацевтските производи, другото образование, угостителските услуги 0,2 %.