24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

„Левица“: Дијабетичарите во критична состојба – нема ленти за мерење гликемија во крвта

Дијабетичарите во земјава се наоѓаат во критична состојба, бидејќи нема ленти за мерење гликемија во крвта, соопшти партијата „Левица“. Оттаму обвинуваат дека Министерството за здравство со недомаќинското и неодговорно функционирање повторно го доведело во прашање здравјето на пациентите кои имаат синдром на хронична хипергликемија.

„Причината за ваквата состојба е доцнењето на тендерот, а пациентите најверојатно до март ќе бидат препуштени сами на себе. Доколку редовно не се контролира гликемијата, кај овие пациенти може да настанат сериозни проблеми. Поради неспособноста на Министерството за здравство навреме да ги реализираат тендерите, кои патем треба да ги добијат фирмите блиски до власта, страдаат пациентите чекајќи за терапија, која законски им следува бесплатно. Не е првпат да доцнат испораките за инсулинска терапија, пумпи, апаратчиња или, како што е случај сега, ленти за мерење шеќер во крвта. Финансискиот товар на овие хронични категории на пациенти треба да го сноси државата, а сега товарот го сносуваат пациентите, кои најчесто се со минимални примања.

Претставниците од Министерството за здравство, пред да излезат на прес-конференции, каде се расфрлаат со флоскули дека се грижат за здравјето на секој граѓанин, нека прошетаат низ ходниците од јавното здравство, за да ја увидат реалноста на терен. Поразителен е фактот што дури околу 70-80% од луѓето со дијабетес умираат од кардиоваскуларни болести“, порачаа од „Левица“.

Дополнителен проблем, како што велат, имаат и дијабетичарите кои земаат фармаколошка терапија преку орални хипогликемици, па за да го контролираат шеќерот во крвта во време на пандемија принудени се да одат кај матичните лекари за да вршат контрола.

„Според последните податоци, бројот на заболени од дијабетес во Р Македонија изнесува 120.000, а неговата преваленца од година во година значително расте наместо да се намалува или, пак, да стагнира, што ни укажува на квалитетот на живот којшто еден просечен Македонец може да си го дозволи за себе и за своите блиски. Сето ова е само уште еден од многуте показатели дека пациентите во реалноста немаат пристап до бесплатни здравствени услуги а дека државата не ги информира дека ги следува бесплатно по закон инсулинска пумпа и ленти за мерење на гликоза“, додаваат од партијата.

„Левица“ порача дека е време да се стави крај на нееднаквиот пристап до јавното здравство, затоа што, според партијата, соодветни дијагностички процедури и пристапот кон правилно лекување не смее да биде привилегија само на богатите и фамилиите на функционерите, туку пристапот до здравствените услуги треба да го има секој еден поединец од оваа држава.