Пациентите со малигни болести ќе си ја добиваат терапијата дома, рече министерот за здравство, Венко Филипче, по повод одбележување на Светскиoт ден за борба против ракот. Тој ја посети Клиниката за онкологија каде што во присуство на директорот д-р Нино Васев имаше средба со Биба Додева, претседателката на Здружението за борба против рак „Борка – за секој нов ден“ и Наташа Маслеша од Здружението за борба против ракот и леукемијата кај децата „Пеперутка“.
„Примарна задача ни е да обезбедиме континуитет во снабдувањето со терапија за пациентите со малигни заболувања. Со олеснувањето на пристапот до лекови се подобрува третманот на пациентите. Набрзо ќе се отвори оддел за зрачна терапија во ГОБ ‘8 Септемрви’ каде што ќе работи лекар специјалист, еден физичар и еден техничар, овој третман на пациенти ќе биде координиран и со УК за онкологија, со што уште повеќе ќе се скрати времето на чекање за зрачна треапија. Дополнително во план ни е да направиме децентрализирање при достапност на терапијата, во останатите центри како Битола, Штип и Тетово со цел да се подобрат условите на пациентите, односно терапијата да им биде достапна во местата каде што живеат. Ќе продолжи практиката Клиниката за онкологија таблетарната терапија на пациентите да им ја доставува дома, како што беше пракса во време на ковид-кризата“, рече Филипче.
Додева кажа дека пред 3 години за првпат беше овозможен пристап до нови 30 биолошки и имунолошки терапии, нови иновативни лекови кои се набавуваат централизирано од посебен буџет.
Еднa од позитивните работи кои од годинава ќе почне да функционира, рече Филипче, е Националниот регистар на новозаболени од малигни болести, чијашто процедура е веќе започната на Универзитетската клиника за онкологија.