Кај секоја политичка партија, кај секој граѓанин треба да преовладее разумот, да ги поддржат процесите, со кои се добиваат точни и целосни податоци за структурата на населението и домаќинствата и да се спроведе попис без мешање на политиката, велат од владејачката СДСМ.
Од таму нагласуваат дека по речиси две децении без попис, во државата има недостиг од квалитетни статистички податоци, кои се клучни за градење на стратегии и политики и за натамошен сигурен и предвидлив развој.
„Државниот завод за статистика ги има сите капацитети и е подготвен да одржи попис согласно стандардите на Обединетите Нации и на Евростат. Законското решение гарантира дека пописот ќе се спроведе исклучиво како статистичка операција која никогаш повеќе нема да се третира како политичко прашање“, стои во партиското соопштение, во кое се додава дека пописот ќе се одржи напролет, во интерес на граѓаните и напредокот на државата.