27. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Мисајловски: По катастрофалните резултати со корупцијата ќе поднесеме интерпелација за Николовски и Маричиќ

„Македонија со Заев падна на 111 место на листата на корупција на Транспаренси, убедливо најлошо до сега, а состојбата со корупцијата е полоша и од Косово, Танзанија, Гамбија и Белорусија! Ова е пад од цели 45 места само во годините на управувањето и на лажните реформи на правниот систем на Зоран Заев“, изјави Владо Мисајловски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, партизираната администрација, политизираното обвинителство и заробеното судство го испорача својот данок. Македонија е земја којa од светот е гледана како црна дупка во Европа, точка на криминал, рекет, мито и корупција.

„Повеќе од година дена немаме разрешница за најголемата рекетарска афера во Европа. Бојан Јовановски, кој сите го видовме со полна торба пари, во судница кажа дека парите од рекетот да се бараат кај Зоран и Вице Заеви, а обвинителството не ги ни повика ниту на распитување. Сите го видовме Ден Дончев, како трпа туциња пари во торба, а ЈО требаше барем да започне истрага каде завршија парите. Целата јавност слушна како контроверзниот бизнисмен Миодраг Давидовиќ Дака, кажува дека му дал 300.000 евра на Заев и дека дал ветување за маркица за бензинска, како и дополнителни 2000 метри квадратни простор во комплексот кој ќе го гради на местото на ШИК ЈЕЛАК, а случај повторно нема. Обвинителството и тука молчи. А обвинителството молчи и за Леонардо, каде слушнавме како власта си договара аванта, во случај каде што имаше скроена постапка за набавување на изнајмување на хеликоптерски систем по екстремни високи цени“, додаде тој.

Според Мисајловски, во земја каде функционери се однесуваат како мафијаши и за тоа поминуваат неказнето, не може да дојде ниту еден странски инвеститор, напротив сите тие ќе бегаат подалеку.

„Вклучен е црвениот аларм одамна. Потребни се оставки, најпрвин од таканаречениот вицепремиер за борба против корупцијата Љупчо Николовски и министерот за правда Бојан Маричиќ, затоа што не само што не се изборија со корупцијата, туку истата е засилена.Токму затоа ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе интерпелација во Собранието за Љупчо Николовски и за Бојан Маричиќ.Оставки веднаш. Одговорност веднаш“, додаде тој.