27. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ВМРО-Народна партија: Непотребно се создава атмосфера на паника дека предметот историја ќе бил укинат

Во поглед на најновите реформи во македонското образование, ВМРО-Народна партија смета дека непотребно се создава атмосфера на паника дека училишниот предмет историја ќе бил укинат.

„Од самиот концепт се гледа дека историјата како предмет останува и се поврзува со географијата, впрочем во најголем дел од Европа така функционира образовниот систем, а тој концепт не ја изостава ниту Македонија, особено во приватните училишта, каде што обично таа комбинација се нарекува Social Studies или општествени науки“, велат од партијата.

Истовремено, ВМРО-Народна партија реагира за предлог-предметот јога, кој би се вовел во македонскиот образовен систем, и укажува на моментот дека јогата како предмет не е само физичко вежбање, туку, како што велат од партијата, пред сè, таа има сопствено религиозно значење, во кое поединецот се поврзува со хиндуистичките божества.

„ВМРО-Народна партија смета дека со ваквиот предлог може да се напушти секуларизмот во македонското образование, а и да доведе до повреда на религиските чувства на двете најголеми религиозни заедници во Македонија, христијанската и исламската“, велат од партијата.