„На 24-ти декември истекува одредбата со која на обложувалниците им се овозможи онлајн обложување. Ние имаме идеја за законски измени во Законот за игри на среќа, но, периодов. Парламентот е заглавен со важни закони, имаше закони за имплементација на мерките….Единствено решение е со измени во закон да направиме нешто повеќе, обложувалниците дадоа и свои предлози, а ние зборуваме со правници, со финансиски служби, и сега ни останува опцијата да се измени законот. Државата во јануари ќе излезе со нов предлог и ќе отвори дебатата за да го модернизираме и овој дел. Таман работа да ги пуштиме низ вода, па таму има наши сограѓани кои работат, од таму државата има солидни приходи, последната бројка на платени даноци беше околу 120 милиони евра за оваа година. Така што, нека не се грижат, ќе се најде начин како да се продолжат нивните лиценци.“- изјави премиерот Зоран Заев, во „Економски магазин“ на телевизија Алсат, зборувајќи за можноста обложувањето да продолжи онлајн затоа што така се намалуваат редиците на шалтерите во обложувалниците, а тоа значи поголема заштита на јавното здравје.
Во продолжение, Заев оцени дека државниот буџет е спремен да ги издржи и новите економски мерки кои се планираат од јануари затоа што секое министерство има свој резервен фонд, па ќе може да сервисира услуги.
„Мислам дека буџетот ќе издржи, покрај оние 50 милоиони предвидени за борба против вирусот, сите министерства во резервните фондови имаат пари. На пример, Министерството за труд и социјала има пари да може да опфати нови 15 000 корисници во текот на следната година ако се појави потреба за тоа. Во делот на здравството имаме предвидено екстра пари за вакцини, во сите други министерства имаме екстра резерви. Ние го следиме празнењето, но и полнењето на државната каса, а од она што го имаме при крајов на годината при полнење на буџетот, со очекување дека така ќе продолжиме и после јануари, може да се каже дека буџетот е стабилен.“- заклучи Заев со уверување дека државата е спремна да им помогне на сите.