На самиот почеток на работната посета на Романија утрово министерот за надворешни работи, Бујар Османи, се сретна со премиерот на земјата, Николае Чука. Османи го запозна соговорникот со актуелните ангажмани и напори на Владата на Република Северна Македонија за продолжување на европските реформски напори, за посветеноста за унапредување на добрососедските односи и регионалната соработка.
„Без разлика на актуелните предизвици, не сакаме да изгубиме ниту еден ден во приближување на земјата до европските стандарди. Унапредувањето на добрососедските односи е секако еден од клучните приоритет на Северна Македонија, како модел кој единствено гарантира стабилност и просперитет за целиот регион“, истакна Османи.
Премиерот Чука изрази задоволство од напредокот и ентузијазмот на Северна Македонија во контекст на европските интеграции, посочувајќи дека напредокот на земјата кон ЕУ ќе придонесе за мирен, безбеден и просперитетен Балкан, што преставува силна гаранција за стабилноста и на поширокото соседство на Балканот, како и воопшто за стабилноста на Европа.
На средбата стана збор и за актуелните внатрешнополитички случувања во двете земји, за регионални и глобални прашања и за различни видови на соработка кои ќе ја засилат билатералната соработка меѓу Северна Македонија и Романија.