ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение оразложува дека тие се за средба со лидерите на партиите, но нема да учествуваат на евентуална лидерска што би ја свикал претседателот Стево Пендаровски.
Според нив, Пендаровски го загубил кредибилитетот за организирање лидерски средби откако на 13 август го доделил мандатот на Зоран Заев без доказ за поседување на парламентарно мнозинство, по што ВМРО-ДПМНЕ ги замрзна односите со претседателот на државата.
„Аналогно на замрзнатите односи, средба кај Пендаровски кој остана без кредибилитет, кој е без свој став, или го следи ставот на Заев не прифаќаме бидејќи споредено со искуството кое го имаме од минатото, многу лесно договореното се преиначува, а Стево редовно се ‘пере’ од својата одговорност“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Тие бараат средба со лидерите на партиите од власта и опозицијата на која ќе се дискутира за спорот со Бугарија, поточно ветото и што сè е на маса, бидејќи јавноста и опозицијата се целосно исклучени од овој процес. Потоа, ВМРО-ДПМНЕ бара да се дискутира за состојбата со корона-кризата, како и „потребата за широка влада наметната од тоа што по сериозните дебакли владата го загуби кредибилитетот да говори и работи за овие прашања, како преоден период до избори“.
Во однос на обвинувањата на СДСМ дека Мицкоски треба сам со себе да се договори дали сака лидерска средба, од ВМРО-ДПМНЕ реагираат дека премиерот Зоран Заев е тој кој треба да се усогласи дали сака да се одржи состанокот, бидејќи првично рекол дека нема за што да разговара со Мицкоски.