Министерката за образование и наука, Мила Царовска, учествуваше на завршната конференција за намалување на родовите стереотипи во образованието, организирана од Институтот за човекови права.
Царовска истакна дека со новата концепција за основно образование којашто е во завршна фаза и наскоро ќе биде презентирана на јавноста, освен што учениците ќе учат за толеранција, мултикултурализам и прифаќање на различните од себе, уште од основно образование ќе стекнуваат знаења за родова еднаквост. Стереотипите и дискриминаторските содржини во учебниците негативно влијаат на развојот на младите луѓе и создаваат општество коешто ќе биде дискриминаторско.
„Тргнавме од тоа дека системски треба да се надмине ова прашање. Вистинска реализација на програмите за намалување на стереотипи е преку суштинска промена на наставните материјали. Веќе подготвуваме целосно нов систем, а во подготовката на наставните материјали ќе се вклучат не само високообразовните институции и наставниот кадар, туку и граѓанските организации. Во предметите што ќе се изучуваат ќе бидат вклучени и граѓанските вредности што нашето општество очекуваме да ги има“, рече Царовска.
Царовска посочи и дека е важно зајакнувањето на психолошко-педагошката служба, којашто треба да биде партнер на учениците во соочувањето со стереотипите.
„Психолошко-педагошката служба има, заедно со наставниците, важно место во создавањето квалитетно образование. Треба да биде служба којашто со знаење и со капацитет може да ги надминува предизвиците со кои се соочуваат учениците. Современите психолошко-педагошки служби треба да бидат поддршка, треба да бидат партнери во надминување на сите предизвици во современото живеење на младите генерации, но исто така треба да ги подготват учениците за она што значи соочување со овие стереотипи и како заеднички да ги менуваат оние пракси што досега биле создавани“, рече министерката Царовска.