23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Средба Османи – Хрдинкова во рамките на работната посета на Чешка

За време на работната посета на Прага, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, се сретна и со Милена Хрдинкова, државен секретар за ЕУ-прашања во канцеларијата на премиерот Андреј Бабиш, за време на која стана збор за меѓусебната соработка при спроведувањето на неопходните реформи од аспект на интегративниот процес на нашата земја во ЕУ.

Соговорниците се согласија дека стабилниот и просперитетен регион на Западен Балкан е во интерес на ЕУ, особено во однос на геополитиката, економијата и безбедноста.

„Северна Македонија ќе продолжи со исполнувањето на потребните реформи од ЕУ-агендата, кои примарно се од интерес за самите граѓани на земјата. Остануваме силно посветени во градењето на добрососедските односи и во развојот на регионалната соработка по примерот на вишеградската група, која е меѓу најгласните поддржувачи на аспирациите на земјите од Западен Балкан за добивање членство во ЕУ“, истакна Османи.

Претходно, во рамките на посетата Османи оствари средба со својот домаќин, министерот за надворешни работи на Чешката Република, Томаш Петжичек. Посетата на Чешка претставува дел од мини турнејата на министерот за посета на земјите членки на ЕУ, кои се дел од поширокото соседството на Западен Балкан. Во рамките на турнејата Османи веќе од утре е во посета на Романија по што следува посетата на Унгарија, а по завршувањето на овие работни посети, Османи на 21 декември ќе отпатува за Виена, каде што ќе ја заокружи мини турнејата.