Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, оствари средба со претставници на повеќе тинк-тенк организации во земјата.
Како што информираат од ресорното миистерство, целта на средбата била зајакнување на дијалогот со тинк-тенк заедницата која има важна улога во клучните политички процеси на земјата, а во насока на европската перспектива на Северна Македонија.
„Отворените дебати и дискусии се основа на демократските процеси во една земја. Студиите и анализите на тинк-тенк организациите имаат непроценливо значење во градење на општиот политички дискурс“, истакна Османи.
Во рамките на средбата биле споделени размислувањата за добрососедските односи, европската агенда на земјата и нивниот ангажман во преговорачката структура во рамките на ЕУ пристапниот процес.
Претставниците на граѓанскиот сектор побарале иницирање на поголем број проектни активности и механизми за вклучување на нивната експертиза.
„Како министер за надворешни работи ќе се залагам колку што е можно повеќе за обезбедување на финансиски средства и проекти кои би вклучиле во себе форми на соработка со тинк-тенк заедницата. Новата методологија за преговарачкиот процес наметнува поинаква форма на дијалог со земјите членки и крајната одлука за зачленување ќе биде ексклузивно нивен прерогатив. Во таа насока, улогата на министерството за надворешни работи во интеракцијата со престолнините на земјите членки и Брисел ќе биде исклучително значајна и незаменлива. Затоа ќе треба една поголема мобилизација, не само на администрацијата, туку и на граѓанскиот сектор за да бидеме поуспешни во овој процес”, порача Османи.