Предлог-буџетот обезбедува средства за нови градинки, поддршка за нови работни места и продолжување на социјалната реформа, велат од СДСМ преку соопштение.
„Владата предводена од СДСМ со предлог-буџетот за 2021 година, кој е во собраниска процедура, го проектира буџетот на Министерството за труд и социјална политика на 53,1 милијарда денари.
Дел од овие средства ќе се искористи за полесно надминување на негативните последици од корона-кризата, но и за реализација на капитални инвестиции и објекти.
Во време на сериозна криза се обезбедуваат значителни средства за оперативниот план за активни програми и мерки за вработување во износ од 538 милиони денари, со што ќе се поддржи отворањето нови работни места.
Во делот за социјални надоместоци во буџетот, за наредната година предвидени се 10,5 милијарди денари. Со овие средства ќе се опфатат околу 300.000 корисници.
Обезбедени се средства за зголемување на бројот на домаќинства приматели на гарантиран минимален приход за дополнителни 5.000 домаќинства, со што вкупната бројка на домаќинства опфатени со оваа мерка ќе биде 36.500.
В година предвидено е да заврши изградбата на 14 градинки, а во постапка е подготовка на програмата за почнување изградба на нови објекти за згрижување деца и во руралните средини, односно во средини каде што досега немало градинки.
Продолжува обезбедувањето сигурни и одржливи пензии за сегашните и идните пензионери, како мерката за субвенционирање на придонеси на платите, со која речиси 120 илјади вработени во приватниот сектор ќе добиваат повисока плата.
Предлог-буџетот за 2021 година не само што обезбедува навремена помош и поддршка за сите погодени од корона-кризата, туку влијае на подобрување на животниот стандард и намалување на невработеноста.
Затоа е важно тој да биде усвоен од страна на сите пратеници во Собранието за грижата за граѓаните да продолжи уште повеќе и уште подобро“, се наведува во соопштението на СДСМ.