23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Бочварски: Инвестираме над 50 милиони евра во патишта на истокот за регионално поврзување со Бугарија

Создаваме комплетна слика за патната инфраструктура на истокот, инвестираме над 50 милиони евра за поврзување на општините меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија, како и за поврзување на бизнис-секторот. Инвестираме во нова патна инфраструктура, инвестираме во добрососедство со Бугарија, истакна министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, при денешната посета во општина Делчево.

Министерот потенцира дека сите регионални правци се рехабилитирани во источниот дел на државата за да се создадат услови за економски развој на пограничните општини, како и отворање нов граничен премин со Бугарија.

„Изграден е првиот дел од експресниот пат Штип – Кочани, се гради и вториот дел, кој е значаен за цела источна Македонија и за поврзување со Бугарија. Ја реконструиравме обиколница кај Кочани, потоа регионалниот пат од Кочани до Делчево. Во Делчево ги реконструиравме сите регионални правци, го реконструиравме и патниот правец од Берово до Клепало, каде што создаваме можност за отворање нов граничен премин со Република Бугарија и каде што имаме заеднички интереси. Даваме комплетна слика на патната инфраструктура на истокот, инвестираме околу 50 милиони евра за поврзување на општините меѓу двете страни на границите и за поврзување на бизнис-секторот. Инвестираме во патната инфраструктура, инвестираме во добрососедство со Бугарија“, изјави Благој Бочварски, министер за транспорт и врски.

Министерот заедно со градоначалникот на општина Делчево, Горан Трајковски, изврши увид во рехабилитацијата на регионалниот пат од Делчево преку Бигла до Виница.
Министерот Бочварски потенцира дека ова е многу важен проект за жителите од Делчево, Виница и неколку населени места што гравитираат околу овие општини. Инвестицијата е вредна 1,3 милион евра.

За општина Делчево, реализираните проекти значат подобра економска поврзаност со пограничните општини од Република Бугарија.

„Ова се најголемите вложувања во инфраструктурата во Делчево и на истокот последите триесетина години. Во однос на патот од Делчево до Виница преку Бигла, тој е од особено значење за сите жители од двете општини, како и неколку населени места што гравитираат овде. Патот ќе се прошири од 3 на 5 метри, со што се создаваат нормални услови за сообраќај, поголема безбедност во сообраќајот и подобра комуникација меѓу Делчево и Виница“, изјави Горан Трајковски, градоначалик на општина Делчево.

Претходно, министерот оствари средба со градоначалникот на која разговраа за реконструкција на неколку локални улици во општината преку проектот за санација и изградба на локални патишта, кој се реализира преку Министерството за транспорт и врски.