Зоран Заев е човекот шот ја обезличи Република Македонија и го обесчести македонскиот народ, единствено за свои лични интереси, рече на денешната прес-конференција, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
„Наместо да молчи и да се однесува како кукавица, со што ќе се обиде повторно да им забие нож во грбот на граѓаните и да ги обезличи уште повеќе, нека се охрабри и нека говори јавно за целиот проблем, начинот и текот на преговарање со источниот сосед“, повика партискиот портпарол.
Како што рече Арсовски, од коалициски партнер на СДСМ јавноста дознала дека Владата на Зоран Заев дала понуда до бугарската страна за деблокирање на интеграциите.
„Сакаме да прашаме, а Заев мора веднаш да одговори, што содржи таа понуда што ја дала Владата на Заев до бугарската страна? Од што се откажува Зоран Заев и каква штета трпат граѓаните и државата поради неговата понуда за нов договор и деблокирање на интеграциите? Што сè има понудено Зоран Заев во таа нова понуда?“, запраша претставникот на опозициската партија и додаде дека постојат информации оти Заев има ветувано и други концесии кон бугарската страна.
„Во прашање се сериозни бизнис-ветувања од Зоран Заев кон бугарската страна, поголем пакет кој вклучува сериозен приватен и државен капитал, кој требало да биде продаден на бугарски фирми и бугарски бизнисмени. Тука би набројале една поголема банка, државниот удел на Република Македонија во ‘Телеком’, што ќе значи и целосно приватизирање, железнички транспорт, ТЕЦ ‘Неготино’, земјоделско земјиште, кое наводно и веќе било капарисано од одредени луѓе што треба да стане градежно, и уште многу други работи“, нагласи Арсовски и порача дека во моментот потребна е влада на национален спас, и тоа уште веднаш.