ВМРО-ДПМНЕ и понатаму се противи на обидот пратениците да продолжат со онлајн одржување на седниците на Собранието. Лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски тоа го повтори во гостувањето на „Сител“.
„Не, прашањето за поддршка и не поддршка на онлајн гласање е прашање дали поддржувате кршење на Уставот или не. А, нашиот став од сам почеток уште од кога јас сум претседател еве и овие три години е дека не поддржуваме кршење на Уставот и неуставни творби нема да поддржиме, вклучително и онлајн гласање“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при своето гостување во централниот дневник на телевизијата.
Сепак, сите аргументи кои во јавноста ги нуди опозицијата не се доволно силни, прво да ги уверат граѓаните, а потоа да го премислат владејачкото мнозинство во намерата преку онлајн седници да обезбедат поголемо присуство на пратениците, откако и тие не останаа имуни на Ковид-19. Се чини дека ова е уште еден обид на ВМРО-ДПМНЕ да не се соочи со реалната ситуација, како што избегнува и постојано наоѓа причини да не се вклучи во владините активности за справување со пандемијата.
Покрај техничката можност за одржување онлајн седници со еднакво право на учевство во работата на сите пратеници, онлајн седниците претставуваат начин за заштита од ширење на корона вирусот. Со самото тоа што пратениците ќе работат од дома нема да имаат контакти, пред се меѓусебни, со што се намалува ризикот од пренесување на заразата. Дополнително, и оние пратеници кои во моментов се во изолација или се позитивни на Ковид-19, а не се хоспитализирани, ќе можат рамноправно да учевствуваат во собраниските активности.
На овој начин може да се организираат и седниците на собраниските комисии и навистина да нема посериозен застој на парламентарните обврски. И дали ВМРО ДПМНЕ навистина не ја сфаќа предноста на овој модел на одржување седници или нивната цел е нешто сосема друго? Од една страна сите заштитени, од друга, парламентот непречено функционира.
А непреченото функционирање значи и изгласување на Буџет за 2021 година, а во превод тоа значи пари за справување со здравствената и економската криза. Буџетот е на дневен ред деновиве. Опозицијата треба да аргументира на седница, онлајн, да дава предлози и конструктивно да учевствува во расправата за на крајот сите да изгласаат буџет неопходен за спас од здравствено и економско пропаѓање на државата. Но, со ваквото однесување ВМРО-ДПМНЕ, се чини, прави опструкции само буџетот да не стигне на дневен ред.
Веќепристигнуваат и закани дека во иднина нема да обезбедуваат кворум за работа на владејачкото мнозинство, оти тоа само по себе нема мнозинство пратеници за да одржува седници и да гласа. За да се смени Деловникот за работа на парламентот, за да се воведе опцијата онлајн, неопходни се 61 глас, но власта во моментов нема толку пратеници затоа што неколкумина заради вирусот се спречени да присуствуваат на седници. Таквата ситуација сега ќе ја користи опозицијата, да нема кворум, да не се изгласаат измените во Деловникот, парламентот да остане да заседава со физичко присуство, власта да нема мнозинство, буџетот да остане неизгласан или одолговлекуван до последен момент на сметка на другите законски решенија кои периодов треба да се најдат на дневен ред.
Целата таа блокада на парламентот ќе влијае врз работата на сите институции, особено штетно ќе се одрази врз здравството. Како што бевме сведоци во минатото, таквата ситуација ВМРО-ДПМНЕ ќе се обидува да ја престави како неспособност на владејачкото мнозинство и како пораз на власта во битката со пандемијата. Но сепак, реалноста е поинаква. ВМРО-ДПМНЕ со блокадите го парализира системот за потоа да обвини друг. Ова е далеку поизвесна теорија која би се криела зад обидот на ВМРО-ДПМНЕ да нема онлајн седници.