25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Царовска: Со Болоњскиот процес го приспособуваме високото образование на потребите на студентите

Министерката за образование и наука, Мила Царовска, денеска учествуваше на онлајн-конференција на министрите надлежни за високото образование на земјите членки на Болоњскиот процес.

Домаќин на конференцијата, која првпат се одржува онлајн, е Рим и на неа учествуваат министрите од 48-те земји членки.

Царовска, која заедно со другите министри го одобри римското коминике за понатамошниот развој на високото образование, кое е и основа за креирањето на домашните високообразовни политики, во обраќањето го истакна значењето на иновативноста во високо образование.

„Во изминатите дваесет години постигнувањата од Болоњскиот процес го изменија високо образование, кое е насочено на потребите на студентите и за развојот на општеството. Со воведувањето нови и подобро усогласени методи и практики за учење внесуваме сосема нова димензија во образовните процеси и ги приспособивме на современите трендови. Сето ова е тесно поврзано со истражувањата и со местото на општествените, хуманистичките и креативните науки, кои треба да продолжат да ја играат виталната улога давајќи им длабочина на нашите животи и овозможувајќи да го разбираме и да дејствуваме во светот што постојано се менува“, рече Царовска.

Болоњскиот секретаријат ѝ изрази благодарност на нашата земја, која во изминатите две години учествуваше во одборот што раководи со Болоњскиот процес и за конференцијата одржана во Скопје во февруари 2019 година.

На римската конференција министрите го примија Сан Марино како нова членка на Болоњскиот процес.