23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Рот: Жалам што не успеаја дипломатските напори да се убеди Бугарија да ја одобри преговарачката рамка

Европската комисија и Германија, како актуелен претседавач со ЕУ, не сакаат да дозволат билатералните спорови меѓу една земја членка и земја кандидат да се пренесуваат на европско ниво, порача вечерва германскиот министер за Европа, Михаел Рот.

На тој начин Рот уште еднаш отфрли дел од бугарските барања за вметнување на историските спорови во преговарачката рамка.

Тој потврди дека Бугарија, како единствена од 27-те земји членки на ЕУ, денеска го блокирала усвојувањето на преговарачката рамка за почеток на преговорите со ЕУ на Северна Македонија.

Рот се надева дека сè уште има време, иако е кусо, да се најде решение за спорот.

„Сакаме да ги тргнеме од патот сите пречки за да успееме уште за време на нашето претседателствување да ги почнеме меѓувладините конференции. Но, сега не е време билатералните проблеми, кои во ова кратко време не успеавме да ги решиме, да ги пренесуваме на европско ниво. Мора како ЕУ да испратиме јасен сигнал на доверба кон Западен Балкан и притоа како на Северна Македонија така и на Албанија, кои многу сработија, да им го отвориме патот кон ЕУ“, рече Рот.

Германскиот министер изрази жалење што во изминатите денови не успеале дипломатските напори да се убеди Бугарија да ја одобри преговарачката рамка. Во тие напори, освен тој самиот и шефот на германската дипломатија, Хајко Мас, според Рот, учествувал и комесарот за проширување, Оливер Вархељи.

Подоцна, одговарајќи на новинарско прашање, Рот ги групира бугарските барања. Во првата група, според него, се бугарското барање за користењето на уставното име на државата и забелешката за именувањето на македонскиот јазик во документите на ЕУ, а во втората група, како што рече, се редица други прашања од билатерален карактер.

Објаснувајќи зошто преговарачката рамка треба да содржи дел од бугарските барања, Рот појасни таа „ги вреднува и ги вклучува големите историски чекори.“

„Тоа значи дека, од една страна, содржи делови од преспанскиот договор со Грција, како и најважните елементи од договорот за добрососедство со Бугарија“.

Ставот на германскиот дипломат е дека, со оглед на забелешките на Бугарија, мора да се одлучи што е тоа што треба да се расчисти на европско рамниште, а што ќе се решава билатерално меѓу двете земји.

Тој останува оптимист дека спорот може да се надмине, но вели дека рокот за тоа е до Божик.

„Оптимист сум дека со добра волја и храброст може да се надминат проблемите. На Западен Балкан му треба јасен сигнал дека сме со него и дека ќе ги исполнуваме ветувањата кога ќе се завршат домашните задачи“, рече Рот.